Предраг Димитровски
Работата на работната група за преиспитување на општествената оправданост на постоењето на Музејот на македонската борба за државност и самостојност-Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим, доби карикатурални димензии. Од типот на вицот за Мујо и Хасо за една добра и една лоша вест, па кој сака прво да ја слушне добрата или лошата вест, или, пак, обратно. Притоа, целосно ставајќи ја настрана нецелисходноста од нивната работа, особено по потпишувањето на договорите за добрососедство со Бугарија и Грција.
Ако се тргне од добрата вест, тогаш таа би била дека Музејот нема да се урива, односно пренаменува. Терминолошки, тука во основа има замена на тези, што произлегува од потребата за формирање на самата работна група. Значи, правиот одговор би требало да биде-да, постои општествена оправданост за постоење на музејот, а не некакви игри со зборови зад кои само се затскрива, наводно, добро сработената работа на работната група. Притоа, звучи парадоксално, но зад изнесените бројки посветени на Македонската револуционерна организација не стои ниту еден аргумент за, наводно, искривено претставување на македонската историја на што, првично, алудираа членовите на работната група.
Како добра вест би требало да звучи и препораката да се формира нова стручна екипа, која ќе треба да направи нова историска поставка во која, наводно, би требало доминантно место да заземаат оригинални документи и оригинални предмети. А, каде биле и зошто биле употребувани досега тие оригинали? Сигурно нема да паднат туку така од Марс. Во стилот, грижо моја премини на друг, новата комисија и новата поставка ќе треба да значат дека историјата, каква и да е таа, почнува и завршува само со нас. Само ние сме експерти, а се друго е ветер и магла, неспособно и некадарно.
Лошата вест, пак, се сведува на заклучокот на работната група дека при влегувањето во Музејот се добивало впечаток оти посетителите се во театар, а не во музеј. Заради восочните фигури и таканаречените уметнички платна. И дел од нив ќе треба да се отстранат, а новоформираната комисија ќе одлучува кои и како! Навистина чудно. Зошто споредбата е со театар, а не со уметничка галерија, на пример? Зошто ниту еден од над 250.000 посетители не ставил било каква забелешка во тој контекст во музејските спомен-книги? Туку, тоа е најлесен начин за да се прикријат чисто идеолошките мотиви за „пресметка„ со Музејот и целата поставка и, конечно, за бришење на македонската историја согласно потпишаните договори.
А, зошто инаку да се трга било која восочна фигура или било кое платно? Секоја од нив си има свое значење и не била ставена случајно во поставката. И што ќе се прави со восочните фигури или платна? Ќе се стават во некое депо, осудени на заборав и уништување. Или, восокот од фигурите може да има и друга намена. За правење свеќи. Па, и атеистите веќе не се тоа што некогаш биле. И, да. За да не бидам погрешно разбран за некаква зла коб, скраја да е, или за некакви клетви, ќе се послужам, парафразирано, со зборовите на премиерот Зоран Заев изнесени од собраниската говорница: Пукнете, криво ви е што вие не успеавте да го решите проблемот со Грција по 10 години владеење! Во конкретниот случај, тоа би било со значење дека некој друг го изградил Музејот, а сега некој друг ќе треба да го „уништува„! Наводите ги ставам, зашто сум повеќе од убеден дека ако постои вистинска, чисто политичка волја, и во актуелната поставка може да се најде место за се.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст