| четврток, 6 декември 2018 |

Заради нередовна достава граѓаните плаќале и камати – Изгубени писма и поштар во Бутел

Празно е поштенското сандаче на Владимир Ѓоргиев од улицата Бутелска бр. 44 во Скопје. Тој вели дека Македонски пошти не вршат достава на пратките наменети за оваа улица.

– Последните 5-6 години редовно имаме проблем со поштата. Се жалевме многу пати во поштата Чаир која е надлежна за овој реон. Таму креваат раменици, не знаат што се случува. Последнава година воопшто не примаме пошта. Пред да прекине доставата се случуваше во едно поштенско сандаче да најдеме пратки буквално за целиот реон па разнесувавме по соседи. Јас ако треба да ја работам работата на пошта, тогаш веројатно треба да ги земам и парите, вели Владимир Ѓоргиев, жител од ул. Бутелска во Скопје за Сител.

Тој не е единствениот чие поштенско сандаче е празно со месеци. Не сакале да говорат пред камерата, но и останатите жители од улицата Бутелска потврдиле дека не добиваат поштенски пратки. Објаснуваат дека заради нередовната достава плаќале и камати за задоцнето плаќање на фактурите. За останатите поштенски пратки пак наместо нивна, користеле адреса на нивни блиски каде има уредна достава.

– Сметки за струја, телефони – се’ тоа доцни. Сите тие луѓе за тоа плаќаат камати, а понекогаш и доаѓа до исклучување на услугата поради неплатена сметка за која луѓето не се одговорни. Најчесто сите собираат раменици и кажуваат дека нема поштари, вели Ѓоргиев.

Од Македонски пошти пак велат дека до сега не примиле поплаки од граѓани на улицата Бутелска. Ветуваат дека поради реакцијата од граѓаните, ќе се направи проверка која ќе утврди дали има проблем во распределбата на поштенските пратки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top