| четврток, 6 декември 2018 |

Туск му порача на Трамп дека САД нема подобар сојузник од ЕУ

Треба да знаете кој е вашиот стратешки пријател - рече Туск и потсети дека ЕУ беше првата која одговори позитивно на барањето на САД за поддршка по терористичкиот напад од 11 септември 2001 година

Денеска во Брисел беше потпишана Заедничка декларација за соработка меѓу ЕУ и НАТО, а потписите ги ставија генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, престедателот на Советот на ЕУ Доналд Туск и првиот човек на Европската комисија Жан-Клод Јункер.

Од заедничката прес конференција, Туск му испрати порака на американскиот претседател која ја објави и на „Твитер“:

„Драг Доналд Трамп, САД нема и нема да има подобар сојузник од ЕУ. Ние трошиме во одбрана многу повеќе од Русија и исто толку колку и Кина. Се надевам дека немате сомнеж дека ова е инвестирање во нашата заедничка безбедност што не може да се каже за трошоците на Русија и Кина“, напиша Туск на Твитер и твитот го заврши со „смајли“.

Американскиот претседател  ја доведува во прашање ефикасноста на НАТО, им се лути на европските сојузници поради недоволно учество во НАТО буџетот, се сомнева во соработката со ЕУ а на 16 јули се среќава со рускиот претседател Владимир Путин.

На прес конференција Туск беше уште поотворен и му порача на Трамп да мисли на ова кога ќе дојде утре на самитот на НАТО и кога ќе се сретнете со Путин.

– Треба да знаете кој е вашиот стратешки пријател – рече Туск и потсети дека ЕУ беше првата која одговори позитивно на барањето на САД за поддршка по терористичкиот напад од 11 септември 2001 година.

Јункер исто така подвлече дека НАТО и ЕУ се природни партнер и дека двете страни делат исти вредности како слободата и демократијата.

– НАТО е камен темелник на оваа соработка а ние знаеме дека треба повеќе да направиме – рече Јункер реферирајќи се на барањето на Трамп до европските сојузници да достигнат 2 отсто од нивниот БДП за одбрана што досега за многу земји не е случај.

Во Заедничката декларација двете страни ја потврдуваат важноста и потребата на соработката за безбедноста на нивните граѓани. За таа цел тие се обврзуваат дека ќе работат, во идните месеци, на воената мобилност, на борбата против тероризмот и на откажување од хемиско, биолошко и радиолошко оружје како и ризиците од нуклеарно оружје.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top