| четврток, 6 декември 2018 |

Мицкоски: Згасна млад живот уште пред да започне, законите мора да почнат да владеат за сите

–  Никола Саздовски – Саздо, згаснат живот уште пред да започне, уште пред да ги види и почувствува вистинските убави нешта во животот. Прекината иднина, уште едно семејство обвиено во тага и црнила.
Наш член, но и да не е наш член, и да е било кој друг, болката е иста. И не се работи за политика, овде се работи за чувството како родител кое неизбежно укажува на загриженост, за чувството на несигурност во својата земја, во својот град, на својата улица. Без оглед дали некој живее во Чаир и Бутел, или Кисела Вода, Центар или Карпош, Аеродром и Ѓорче, Битола, Куманово или било кој друг град. Проблемите се исти, чувството на безпомошност да се обезбеди спокоен и мирен живот, онаков каков што секој заслужува и за кој почнува да копнее. Ова е време кога безбедноста е загрозена, родителите не можат со мирна совест да ги пуштат своите деца без да се плашат за нивниот живот, а каков е тој живот во кој секојдневието е преполно со страв и несигурност. Луѓето живеат во страв за своите животи, бидејќи власта е неспособна да обезбеди сигурност, пишува претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил за случајот во кој младиот Никола Саздовски беше претепан во Автокоманда, а кој утрвото им подлегна на повредите.

– Имаме како со нож поделено општество, несигурност продуцирана од делбите произведени од власта, водство на полицијата кое наместо пресметки со криминал, се занимава со политичко полициски монтажи и инструирани случаи, влада која ослободи над 800 осудени криминалци кои се вратија на улиците, министер кој правеше прес конференција за “мачките кои оштетиле возило”, ама кога ќе избодат до смрт дете, никаде го нема. Премиер кој бара експертиза за Диво Насеље и судство кое ги пушти на слобода убијците на децата од Смилковско, а сега кога треба да се дејствува, да осуди и да ја казни неправдата, молчи. А молчи затоа што не сакаат да се соочат со вистината која е поразителна.

– Ваквите настани ја распрснуваат како меур од сапуница розевата слика која власта и пропагандата сакаат да ја создадат, свет кој е илузија а во кој доминираат фалбите за убавиот живот, слика која вештачки сакаат да ја изградат, ама пусто реалноста е поинаква и таа е болна за обичниот човек. Потребен е слух за реалниот човек, потребна е одговорност, и правдата мора да стапи на сила, порано или подоцна. Законите мора да почнат да владеат за сите подеднакво и тие се поважни од кариерата на пропаднати политичари. Потребна е одговорност за работите кои го прават несигурен и обесправен обичниот човек. Потребна е одговорност на луѓето од врхушката на власт, и тие не се недопирливи. Сигурност и извесна иднина е она што на секој човек му треба и таа мора да дојде. Од сите нас зависи, бидејќи сите ние ја одбираме иднината, завршува Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top