| четврток, 6 декември 2018 |

Од денеска се наплаќа и паркирањето пред манастирот „Св. Пантелејмон“ во Нерези

Од денеска ќе почне да работи новото зонско паркиралиште, зона А02 кај манастирот „Св. Пантелејмон“ во Нерези. Паркирањето на оваа паркинг-зона ќе се наплаќа за време на државните празници и за викендите од девет до 16 часот, информираат Град Скопје и ЈП „Градски паркинг“.

Цената за првиот час паркирање изнесува 100 денари, а секој нареден час 50 денари. СМС пораките за паркирање може да се испратат на бројот 144 144 од сите мобилни оператори во Република Македонија.

– На паркиралиштето е поставена соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација, како и информативни табли на кои се наведени сите неопходни информации во врска со паркирањето, времетраењето и цената. Непрописното паркирање на ова паркиралиште и непочитувањето на сигнализацијата ќе се санкционира, се вели во соопштението.

Градските власти информираат дека оваа новина е дел од оптималното решение за зачувување на планината Водно и за да се овозможи непречено и безбедно движење на сите учесници во сообраќајот, а особено на пешаците и на велосипедистите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top