| четврток, 6 декември 2018 |

Работниците од „Еурокомпозит“ го радикализираат штрајкот (ФОТО)

Вработените од фабриката Еурокомпозит ја отфрлија одлуката на Владата со заем од ЕЛЕМ и МЕПСО да им се исплати дел од платата и  да се набават репроматеријали за работа. Тоа за нив, како што велат,  не е решение за нивниот проблем.

Тие најавија дека денеска од 11 до 12 часот ќе ја блокираат улицата пред Владата.

Од Владата велат дека е при крај анализата за состојбата на фабриката, дека веќе има заинтересиран купувач, а дел од вработените ќе одат технолошки вишок.

Вработените во „Еурокомпозит“ најавија радикализирање на протестот.

Од 11 до 12 часот беше најавено блокирање на „Илинденска“ пред Владата, како дел од штрајкот на работниците на „Еурокомпозит“.

На радикалните чекори се приклучија 50 дополнителни вработени, кои им се придружија на колегите во штрајкот.

Синдикатот на „Еурокомпозит“ потенцира дека не прифаќаат времени решенија. Според работниците, несоодветна е понудата од Владата за заем од 6 милиони денари од ЕЛЕМ и МЕПСО.

Од Владата, пак, смируваа дека се свесни за тешката состојба во претпријатието, при крај е анализата за состојбата во „Еурокомпозит“ и дека веќе има заинтересиран купувач, а дел од вработените ќе одат технолошки вишок.

Работниците остануваат во шаторите пред Влада за да ги потсетат владините службеници на „ветувањата од пред два месеца за исплата на 18 заостанати плати и придонеси за 6 години“.

фото: Република

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top