| четврток, 6 декември 2018 |

Заканите на Зекири кон Реџепи и ИВЗ за КОВЗ не се мешање во верските работи

Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗ) не смета дека јавното препукување меѓу пратеникот Мухамед Зекири, кој е и потпретседател на владејачката партија, и поглаварот на Исламската верска заедница Сулејман Реџепи претставува мешање на извршната власт во верските работи.

„Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи е на став дека во секое демократско општество граѓаните имаат право на свое мислење кое можат непречено јавно да го искажат, а тоа важи и за народните претставници кои се очекува да ги артикулираат различните мислења на граѓаните“, велат од КОВЗ за „Република“.

Во одговорот на нашето шрашање дали јавното препукување и заканите упатени од потпретседателот на владејачката партија и пратеник Мухамед Зекири и поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи не се мешање (на извршната власт) во верските односи, КОВЗ потенцира дека е „особено важно носителите на јавни функции, пратениците, но и сите граѓани своето право да искажат став по различни теми да не го злоупотребуваат, да го ползуваат во согласност со етичките и морални норми, на коректен начин, без дискредитации, особено кога нивните ставови се однесуваат на прашањата од верска природа кои се доста значајни но и сензитивни за нашето мултиконфесинално општество“.

„Ги охрабруваме сите индивидуи со различни ставови и мислења, несогласувањата да ги резрешуваат по пат на непосреден дијалог секогаш водејќи се од  интересите на граѓаните“, стои во одговорот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top