| четврток, 6 декември 2018 |

Случај Монструм: В среда јавноста за првпат ќе чуе исказ на заштитен сведок

Поради немање технички услови за сослушување на сведокот со скриен идентитет, Основниот суд Скопје 1 за 11 јули го презакажа судењето за случајот „Монструм“. За пет дена судот нагласи дека ќе бидат обезбедени комплетни услови со кои ќе се скрие идентитетот на заштитениот сведок, како што предвидува законот, а на рочиштето ќе може да присуствува и јавноста.

Ова е прво рочиште на кое јавноста ќе може да присуствува кога ќе се испрашува заштитен сведок. Дозволата рочиштето да се отвори за јавноста следеше откако медиумите, а и роднините на убиените момчиња и рибарот се побунија дека овој исказ не е таен, туку таен е само идентитетот на лицето кое ќе сведочи. Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека се согласува и јавноста на следното рочиште да влезе во судница, а на ваквиот предлог не се противеше ниту одбраната. По ова судијата Огнен Ставрев рече дека и новинарите може да присуствуваат на сослушувањето на заштитениот сведок за случајот „Монструм“.

Родителите на убиените момчиња побараа од судијата Ставрев да има јавност во судницата и на рочиштето кога ќе се слушаат „бомбите“ за овој предмет. Судијата Ставрев рече дека судот одлука ќе донесе кога ќе дојде ред да се слушаат прислушуваните разговори и за „Монструм“ определи уште два датуми за судење, односно 22 и 24 август.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top