| четврток, 6 декември 2018 |

По името курбан може да оди и химната

По името курбан може да оди и химната. Текстот „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата“ го содржи уставното име односно спорниот термин кој со Преспанскиот договор е забранет, анализира „Алфа“.

„Денес над Македонија се раѓа, ново сонце на слободата…“  – Дали овие стихови со евентуалното ново име ќе бидат сменети? Дали во нив Грција препознава иредентизам? За Владата, прашањата се зачудувачки: Никој никогаш не им побарал промена на било каков македонски симбол. А химната нема ниту да се пипне – тврди владиниот портпарол Бошњаковски.
Иредентизмот, за кој грчките функционери постојано зборуваат, целосно е јасно дека се однесува на секое државно одбележје во кое се состои терминот Македонија. Власта подлегна на притисокот за промена на државното име, иако премиерот пред две години се колнеше дека оваа светост нема да се допира.
– Ние одлучивме дека сме Македонци и нашата земја се вика Република Македонија. Може таму некои граѓани се чувствуваат како Македонци, нека се чувствуваат – изјави Заев пред две години, за сега да го направи целосно спротивното.
Но, врз македонската химна не тежи само грчкиот притисок. Не е обожувана, а уште помалку почитувана и од владините функционери од албанската заедница.
– Ние Албанците не сме задоволни од химната на Република Македонија, затоа што никаде не нѐ спомнува дека постоиме, дека сме се бореле за оваа држава, дека ќе продолжиме да живееме. Значи буквално нѐ исклучува од постоењето во Република Македонија – изјави неодамна Бујар Османи.
Османи не е единствен. На иста линија е и екс-партнерот во власта Зијадин Села. Тој отворено вели оти никогаш не станува кога се свири химната, оти тие не ја гласале кога државава се формирала. Исто како што не го гласале Уставот, ниту знамето.
После се, зачудувачка е владината гаранција дека химната ќе остане недопрена, особено откако власта без приговори се сложи за промена на преамбулата на Уставот, што би требало да уследи по евентуалниот референдум. Како тогаш химната како симбол на државотворноста ќе остане иста?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top