| четврток, 6 декември 2018 |

„Алсат М“: Полицијата штити сторители на кривични дела

Дали Министерството за внатрешни работи дејствува со двојни стандарди? Многу „недопирливи“ кои се барани за кривични дела слободно да се движат во јавноста, иако по нив трага МВР на Оливер Спасовски, пренесува Алсат М.

Иако фактичката ситуација зборува поинаку, од Министерството за внатрешни работи и понатаму тврдат дека трагаат по лицата кои се бараат со меѓународни потерници.

Конкретно, како што информира Алсат М, станува збор за случајот од 25 јуни во Арачиново, кога полицијата пукаше сред улица за да го запре лицето со иницијали О.М. и неговиот сопатник Г.М. Во описот на настанот, истиот ден МВР информираше:

„Околу 17 часот на улица 1 во селото Арачиново, полициски службеници запреле автомобил марка „Голф“, во кој се наоѓаа две лица, О.М. и Г.М., кои се барани со меѓународна потерница за издржување затворски казни. Во моментот кога полицијата се приближила до автомобилот, возачот О.М. автомобилот марка „Голф“ го ставил во движење рикверц и го удрил полицаецот. По ова дело, полицајците испукале неколку предупредувачки куршуми во воздухот, но возачот не застанал и го удрил и другиот полицаец и се оддалечил од местото на настанот. Се преземаат мерки за пронаоѓање на двете лица.“

Но, додека полицијата го бара О.М., тој може јавно да се види по социјалните мрежи на гости кај луѓе блиски до СДСМ. Фотографиите ставени на социјалната мрежа Фејсбук докажуваат дека не помалку од шест часа подоцна, лицето кое според полицијата, се бара со меѓународна потерница се фали дека се чувствува посилен од кога било досега.

Еден ден подоцна, во Куманово, службен автомобил на секторот за внатрешни работи во Куманово прегази седумгодишно дете. Жолтото возило од типот „Фиат Линеја” со кумановски регистарски таблички со кого управувал полицаецот П.С. не запрел. По расветлување на случајот, неофицијални извори од СВР Куманово информираа дека полицаецот при првата изјава рекол дека не видел оти со возилото ја прегазил ногата на седумгодишното момче. За овој случај, од полициски службеници неофицијално, Алсат М дознава дека имало обиди да се промени моделот на автомобилот за да не се обелодени фактот дека полициско возило и полицаец од единицата „Алфа“ по несреќата избегал од местото на настанот. За овој случај, МВР не објави ништо официјално.

Полицијата исто така молчи и за инцидентот во Тетово на 30 јуни кога полицијата повторно ја потценила ситуацијата при обидот да уапси лице кое било осудено за убиство. За време на огнената престрелка ранетото лице прегазило полициски инспектор со автомобилот, случај за кој полицијата не ја информираше јавноста.

На почетокот на јуни полицијата при обид да го уапси, го уби Јетон Реџепи, осуден на 25 години затвор за убиство, а кој беше во бегство. Претходно, полицијата потфрлила три пати во обид да го уапси истиот, додека тој слободно шетал.

Инаку, Владата тврди дека е посветена на реформите кои се предуслов за интеграција во ЕУ, а во таа насока е и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top