| четврток, 6 декември 2018 |

Тодоровиќ ја платил штетата од 433 илјади евра на општина Центар, но ќе одговора за проневера

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје, поднела кривична пријава против поранешниот градоначалник на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, и лицата М.Т., поранешен секретар и Д.Р., вработен во Секторот за уредување на градежни земјиште и заштита на животна средина во Општина Центар, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело несовесно работење во службата, соопшти директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми.

Според обвинението, тие го оштетиле буџетот на Општина Центар во износ од 433.389 евра за градежни работи кои се однесуваат за изградба на пешачкиот мост „Око“ на Вардар, граден од страна на компанијата „Конструктор инженеринг АД Сплит“.

Поради неисполнување на обврски од договорот, прекршување на рокот за изведување на работите, како и поради неквалитетно извршување на веќе изведените работи, во 2012 година Општина Центар го раскинала договорот со „Конструктор инженеринг АД Сплит“, чија што вредност изнесувала 119.197.783 денари.

– Пријавените В.Т, М.Т. и Д.Р. со препуштање на должен надзор, несовесно постапиле во вршење на своите овластувања и должности и на име на ненаплатени три банкарски гаранции го оштетитле буџетот од 26.653.424 денари (433.389 евра) – истакна Муареми.

Тој додаде дека овие пари на 30 јуни биле вратени на сметката на Општина Центар, но се надева дека кривична одговорност ќе има. Муареми исто така рече дека во тек се и други истраги за „Скопје 2014“ и дека за некои предмети имаат соработка со СЈО.

Тодоровиќ, кој беше градоначалник во периодот 2009-2013 се твоари дека на 3 септември 2009 година склучил договор јавна набавка за изградба на мостот ,,Око“ со хрватската градежна фирма ,,Конструктор Инженеринг“ од Сплит, во износ 92 милиони и 545 илјади денари со анекс договор со кој вредноста на договорот се зголемил 119 милиони 197 илјади денари.

Тодоровиќ ѝ исплаќал аванси на градежната фирма, и покрај  неизвршените градежни работи што биле договорени. И наместо заради непочитување на роковите за завршување на обврските фирмата  да ѝ исплаќа пенали на општина Центар, поранешниот градоначалник им уплаќал постојано аванси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top