| четврток, 6 декември 2018 |

Поврзан со групацијата „Нова УЧК“: Во Италија уапсен дилер кој го обезбедил оружјето за нападот во Куманово

Меѓу десетте лица уапсени во Италија осомничени за шверц на мигранти, се наоѓа и Фатмир Љатифи кој, според сознанија на италијанската полиција, бил вмешан и во терористичкиот напад во Куманово во 2015 година. Десет луѓе се уапсени во Италија поради шверц на мигранти од Балканот кон Швајцарија и шверц на оружје, злато, дијаманти и перење пари.

Италијанската полиција соопшти дека успеала да разбие две групи, една со база во северна Италија и втора која оперирала од Сицилија. Меѓу уапсените се еден македонски, еден албански и еден косовски државјани, како и седум италијански. Уште седум осомничени, повеќето од балканските држави, се во бегство.

Името на Фатмир Љатифи досега не се споменуваше во македонската јавност во контекст на судирите во Куманово на 9 и 10 мај 2015 година. Во судирите загинаа осум полицајци-припадници на специјалната единица „Тигар“, а беа убиени и 14 припадници на косовската група која беше забарикадирана во повеќе куќи во населбата „Диво Насеље“, и ранети најмалку 40 лица.

До денес нема одговор кој стои зад нападот во Куманово, со какви мотиви и дали постојат и кои се нарачатели на истиот. Италијанските медиуми кои известуваат за апсењето на мафијашката група, тврдат дека Фатмир Љатифи бил тесно поврзан со групацијата „Нова УЧК“ на Косово и мафијата во Катанија.

Според сознанијата на италијанската полиција, токму Љатифи им ги продал оружјето и муницијата на припадниците на терористичката ќелија кои беа стационирани во Куманово. „Нова УЧК“ се смета за организација која негува тесни врски со џихадистички движења.

(извор – Дојчевеле)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top