Ситуацијата на небескиот свод ќе биде поразбранувана и подинамична во месец јули, во споредба со јуни. Посебно околу 12, 13 и 14 јули и во третата декада на месецот.
Така, Сонцето, расплинето, со променлив импулс, ќе се движи низ сензитивниот Рак до 22-ри јули и ќе се обидува да ги затопли емоциите меѓу луѓето. Посебно пријатни би требало да бидат првите десет дена на јули, најмногу 9 и 10 јули, кога Сончевиот импулс ќе биде поддржан од експанзивниот Јупитер во Шкорпија, кој секогаш носи среќа и шанса за успех, како и од креативните вибрации на Нептун во Риби. Затоа, во првите десет дена од јули би требало да бидеме порасположени и поопуштени од обично, случувањата околу нас ќе ги гледаме низ „розови очила“, ќе ја чувствуваме радоста на живеењето, ќе уживаме во убавата храна и останатите земни задоволства, почесто ќе излегуваме и ќе се забавуваме. Овие сензации посебно ќе ги чувствуваат Раковите, Шкорпиите и Рибите родени во втората и третата декада на својот знак. А, потоа и Девиците и Биковите, исто така родени во втората и третата декада.
Меѓутоа, во периодот од 11-ти до 15-ти јули 2018 година, кога Сонцето ќе прима негативно влијание од магот на тајните, Плутон, би требало да бидеме повнимателни кому ја даваме својата доверба, бидејќи ќе постои опасност да подлегнеме на нашите потсвесни стравови и на стапиците кои ќе ни ги местат нашите таинствени непријатели, кои ќе произлегуваат од редовите на нашите пријатели и соработници. Уште повеќе што овие опасности ќе бидат запечатени и со Соларната Еклипса која ќе се случи на 13-ти јули. Посебно засегнати од ова предупредување би требало да бидат Раковите родени на 13 и 14-ти јули, Јарците родени на 11 и 12-ти јануари, Вагите родени на 14 и 15-ти октомври и Овните родени на 10 и 11-ти април.
Додека во периодот од 23-ти до 31-ви јули, кога Сончевата енергија ќе биде пресечена од агресивните вибрации на ретроградниот Марс и од непредвидливите вибрации на Уран, би требало да се однесуваме поимпулсивно и поагресивно отколку обично. Ова влијание посебно ќе го почувствуваат Лавовите родени на 23, 24 и 25 јули, Шкорпиите родени на 24, 25 и 26 октомври, Водолиите родени на 21, 22 и 23 јануари и Биковите родени на 21, 22 и 23 април.
Меркур, планетата на разумот и комуникациите, до 26-ти јули ќе се движи низ гордиот и суетен Лав во директен од. Неговите вибрации би требало да предизвикаат нашите мисли да бидат водени од потребата за големи и херојски дела. Потоа, би требало да се зголеми театралноста во нашиот говор и постапки. Луѓето повеќе ќе се држат до зацртаните планови и цели, повеќе ќе го покажуваат својот талент за организација, ќе бидат пореални во проценките и поамбициозни. Во периодот од 3-ти до 10-ти јули, поради затегнатиот однос меѓу Меркур и Марс, би требало да бидеме порасположени за кавги и докажување на сопствената вистина. Додека во периодот од 16-ти до 21-ви јули би можеле да бидат обелоденети некакви тајни. А, кога Меркур ќе започне да се движи ретроградно, од 26-ти јули до 19-ти август, претерувањето и ароганцијата во комуникацијата ќе биде обележје за повеќето од нас.
Венера, планетата на љубовта, уметноста и земните задоволства, до 10-ти јули 2018 година, ќе го продолжи својот страстен танц низ огнениот Лав, со што нејзините жешки вибрации ќе ги палат и нашите чувства. Па, ние ќе се однесуваме пострасно и потеатрално отколку обично. Ќе имаме потреба другите да не забележат, да доживееме некаква авантура. Веќе од 11 јули, Венера ќе го доживее својот пад во интензитетот на вибрациите, бидејќи ќе зачекори во рационалната и одмерена Девица. Поради тоа и нашите реакции во љубовта ќе го намалат својот набој. Ќе се однесуваме помалку спонтано. Повеќе ќе размислуваме пред нешто да направиме. Ќе ги одмеруваме сите „за“ и „против“ личноста што ја сакаме. Ќе бараме поголема одговорност од партнерите, почитување на редот и хигиената.
Сепак, во периодот од 11-ти до 17-ти јули е можно нашите љубовни желби да се претворат во реалност, поради поттикнувачките вибрации меѓу Венера и Уран. Ова најмногу ќе го почувствуваат Биковите и Девиците. Од 20-ти до 26-ти јули, вљубениот танц меѓу Венера и Јупитер ќе ни донесе радост во животот и уживање во љубовта. А, тоа најмногу ќе им погодува на Шкорпиите, Биковите и Девиците. Додека во периодот од 27-ми до 30-ти јули ќе биде отворен Вселенскиот портал за средба со кармичките љубови и за измирување на кармичките љубовни долгови. Затоа, бидете повнимателни со личностите што тогаш ќе ги среќавате. Посебно ако започнете нова врска или ако се сретнете со некоја стара љубов.
Остатокот од текстот и предвидувањата за 12-те знаци ќе ги најдете на страната http://astroscopia.com/themes.php?view=8&lang=3&art=44
извор: Astroscopia
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.