| четврток, 6 декември 2018 |

Се ближи роденденот на Александар Македонски, Свети Николе во зенитот на светската јавност

По научните истражувања, добиените резултати и објавените научни трудови, геоглифот во Црнилиште кај Свети Николе веќе е дел од светските свети места со посебни феномени, и чека откривање на она што се наоѓа длабоко под него, без да се оштети формата на тумбата и контурите вцртани на нејзиното плато.

Пред неколку денови ова свето место беше дел и од листата на светски геоглифи во емисија на “Хистори ченел”.

Геоглифот стана популарен откако хрватскиот независен истражувач и археолог Домагој Николиќ во емисијата “На рубу знаности” презентираше дека е можно гробот на Александар Македонски да се наоѓа во близина на Свети Николе каде што е откриен древен симбол на кралска гробница од времето на Пајонците. Подоцна, група експерти од Македонија и странство направија археоакустично и електромагнетно истражување, а извештајот со резултатите беа презентиран на престижната научна конференција АРСА.

Весникот “Вечер” редовно информираше за сите новини врзани за геоглифот, како за трудот потпишан од шестмина научници, на чело со професорот Паоло Дебертолис кој и официјално, пред светската научна јавност објави дека геоглифот е вештачки рид под кој се крие сакрален комплекс со огромни димензии, што се потврдува со водата која е пронајдена околу неговиот центар или околу централната оска.

– Целата структура, заедно со неговата форма и симболизам наликува на космичко јајце, што претставува извор за исконското творештво. Оваа височинка се познава дека е вештачка дури и од авион. Геоглифот е видлив само од небото и е лоциран во овален ров. Неколку мерења, направени со различни методи сугерираа дека долу има просторија. Истражувањето со помош на различни методи исто така покажа дека станува збор за верско заградено земјиште, поради водата која се наоѓа во центарот или на некоја точка по должината на главната оска. Освен тоа, бидејќи почвата не се совпаѓа со околната област, се покажа дека оваа височинка била внимателно конструирана со посебна цел. Која е таа цел, останува да се истражи во иднина, пишува во извештајот потпишан од шестчлениот интернационален и интердисциплинарен тим.

Професорот Аристотел Тентов кој исто така беше дел од тимот, тогаш за Вечер изјави станува збор за многу атрактивно откритие кое мора да се заштити како комплекс, како дело што го покажува континуитетот на Македонија. Хипотезата на Тентов е дека под геоглифот се крие гробница на Големата Мајка, или на Врховниот бог на Македонците, Богот на сонцето Ѕе.

Знакот на геоглифот личи на буквата М или на трикратна стрелка, со ориентација север-југ на

височинка во тркалеста форма со димензии од околу 85 на 45 метри.

Некои од истражувачите тврдат дека секоја година, во периодот од 21 до 23 јули знакот на тумбата се пресликува со соѕвездието Касиопеја, што за дел од археоастрономите има врска со датумот на роденденот на Александар Македонски.

Но, дел од научната јавност сметаат дека геоглифот нема никакво значење. Според археолозите, тумбата на Црнилиште нема никаков сакрален објект, туку станува збор за воени ровови стари околу еден век.

Извор: Вечер.пресс

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top