| четврток, 6 декември 2018 |

Казна од 200 евра ако во Грција возите без меѓународна возачка дозвола

Граѓаните кои патуваат со автомобил во странство, покрај потребата да имаат зелен картон, патничко осигурување, неопходно е да имаат и меѓународна возачка дозвола, која има важност три години. Во земјите од регионот, меѓу кои и Грција и Хрватска, Македонците задолжително треба да поседуваат меѓународна возачка, во спротивно казната изнесува околу 200 евра, пишува дневниот весник Вечер.

Ваква дозвола треба да се има доколку се патува во повеќето земји кои се членки на ЕУ, бидејќи ако не ја поседувате, а ви се случи сообраќајна незгода, тогаш и да не сте виновен штетата ќе ја покриете целосно и дополнително ќе платите казна на државата каде што во тој момент се наоѓате.

Но, доколку граѓаните патуваат во Албанија, Црна Гора, Србија, Бугарија, Словенија, Романија, Италија и Шпанија не мора задолжително да поседуваат и меѓународна возачка дозвола, доволно е да ја имаат националната, бидејќи со овие земји Македонија има потпишано договор за признавање на националните возачки дозволи.

Како што информираат од МВР, меѓународна возачка дозвола треба да се поседува, без оглед што македонската возачка дозвола е биометриска. Поседувањето на ваква дозвола е согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патишта и се спроведува со цел да послужи како доказ дека на подносителот, односно на возачот дека не му била изречена прекршочна санкција – забрана за управување со моторно возило.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top