| четврток, 6 декември 2018 |

Заев „од племето Македонци” на референдум за „цивилизирани Северномакедонци”!

 Предраг Димитровски

Јас сум Македонец и ве повикувам сите, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други, ама сите-да кажеме да за нашата иднина.

Вака гордо, на својот ФБ профил, на македонски и албански јазик, по се изгледа, ја започна кампањата за претстојниот референдум за новото име на државата угледниот, честитиот и достоинствен премиер на се уште Република Македонија, Зоран Заев, човекот кој додека го дише овој македонски воздух, додека го држи памет дека неговиот дедо, татко, сите негови претци, тој, неговите син и ќерка се Македонци, родени овде во Македонија, немаше да го смени името на државата, но и не само тоа, туку и веруваше дека не постои роден човек во Македонија, кој е подготвен да излезе пред Парламентот и да побара промена на Уставот заради промена на уставното име, човекот кој, сепак, ќе биде премиер на Република Северна Македонија.

Чудно! Како никој од неговиот пи-ар тим не успеал да му каже дека со гордото „јас сум Македонец”, всушност, веќе „не е ин”? Зашто, според најновите „откритија” на еден неделник, на тој начин се вбројува во племето Македонци, а на референдумот треба сите да се изјасниме за да станеме „чесни, вредни и цивилизирани Северномакедонци”! Очигледно, постои некоја неусогласеност или, како што би рекол самиот премиер, некаква политичка магла околу стартните позиции од кои ќе се тргне и каде треба да се стигне, пред се, како националност, па ако сакате и како граѓани на Република Македонија. Тука мора да се стават на страна ставовите на Никос Коѕијас и Екатерина Захариева за непризнавање на постоењето Македонци.

Затоа, пред официјалниот почеток на кампањата за референдумот, а дотогаш има доволно време, би било најдобро владините пи-ар стратези да (пре)прочитаат некои работи. Притоа, не мора да одат во антиката. Доволно е да се осврнат само на Крсте Петков Мисирков и произлезените дилеми за бугарската етничка припадност на Македонците кај професорот Димитар Димитров, Новомакедонците/Македонци на основоположникот на современата македонска литературна критика Димитар Митрев и на академикот Блаже Ристовски за да дојдат крајно до Македонците/Северномакедонци на премиерот Заев. За да знаеме сите за што треба и како да се изјасниме за да ја постигнеме крајната цел-влез во НАТО.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top