| четврток, 6 декември 2018 |

Директорот на Службен весник одлучува дали ќе се објават законите без потпис од Иванов

Директорот на службен весник, Мартин Костовски, не донел конечна одлука- дали ќе ги објави Законот за договорот за името и Законот за употреба на јазиците без потпис на Претседателот на државата, ако ги добие овие акти за објавување само со потпис на Претседателот на Собранието, Талат Џафери. Сепак, Костовски за АЛСАТ-М вели дека таквото сценарио е речиси извесно, доколку Иванов одлучи да не го потпишува указот за прогласување на законот за договорот со Грција иако тој во два наврати поминал во парламентот.

-Ќе се водам по сите позитивни правни прописи во Република Македонија, но притоа Јавното претпријатие Службен Весник како институција воопшто нема да биде пречка за напредните и прогресивни процеси во кои тргнува Република Македонија, вели директорот Костовски.

Одговорот на Костовски е само ден по изјавата на Талат Џафери дека ако Иванов не ги потпише двата закона, тогаш тој само со негов потпис ќе ги достави до Службен весник за објавување. Ставот сугерира дека за прашањето има начелен договор меѓу коалициските партнери. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пак уште вчера најави покренување кривични постапки доколку законите се објават без потпишан указ од шефот на државата.

-Гледаме како Талат Џафери со неподнослива леснотија вели ќе го објавел договорот со Грција и договорот за двојазичност без потпис од претседателот што предупредувам, претставува ново кривично дело чија одговорност брзо не застарува. Ќе дојде ден доколку се случи таков чекор, одговорноста за ова и многу други работи да биде покрената, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски.

Експертите во повеќе наврати коментираа дека според Уставот на Република Македонија, законите се прогласуваат со указ, кој го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието. Тоа значи дека евентуалното објавување без потпис од Иванов ќе значи повреда на Уставот. Но, во исто време, стручната јавност аргументираше дека Уставот е веќе прекршен од страна на Претседателот. Тој е должен да потпише указ доколку Собранието и по втор пат разгледа и усвои закон со мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници, па сепак одлучи да не го потпишува Законот за употреба за јазиците.ж

Иванов има право на „џебно вето“ или т.н. „вето во фиока“ кое се употребува во крајна нужда

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top