| четврток, 6 декември 2018 |

Османи: Никој нема да го спречи овој историски процес, а најмалку Иванов

Вицепремиерот Бујар Османи денеска побара од претседателот Ѓорге Иванов да биде конструктивен и да се вклучи во процесот за европска иднина на Македонија и ја повика опозицијата, како што рече, да каже на која страна е во овие историски моменти.

-Република Македонија според уставното уредување е парламентарна демократија во која што последниот збор, а особено во донесување на законите го има Собранието, а претседателот е само мал дел од извршната власт којашто нема никакво можно влијание врз улогата на Собранието, а најмалку да биде последниот збор за донесување на таквите одлуки. Постапките на Иванов се на некој начин обид за менување на системот без уставни промени, што е казниво со закон- изјави Османи.

Тој не добил впечаток дека европските лидери се загрижени дека Иванов би можел да го спречи овој историски процес.

-Не добив впечаток во ЕУ и во Брисел за поголема загриженост бидејќи никој нема да може да го спречи овој историски процес низ кој што поминува државата и регионот, а најмалку господинот Иванов – рече Османи.

Истакна дека сега е време опозицијата да каже на која страна е во овие историски моменти кога се одредува иднината на државата и оти мисли дека никој нема да ја спречи волјата на 80 отсто од граѓаните кои се за членство во ЕУ и во НАТО.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top