| четврток, 6 декември 2018 |

Тачи: Договорот меѓу Скопје и Атина е исклучително значаен за регионот

Косовскиот претседател Хашим Тачи на денешната средба со делегација на Парламентарното собрание на НАТО, предводена од претседателот Паоло Али, ги оцени како исклучително значајни за регионот решението на спорот меѓу Македонија и Грција и финализирањето на преговорите меѓу Косово и Србија, јавува дописникот на МИА од Приштина.

Тачи, како што соопшти неговиот кабинет, го поздравил враќањето на вниманието на Европската унија во регионот, со стратегијата и самитот во Софија, а како придобивка на тоа го нагласил постигнатиот договор меѓу Скопје и Атина за решавање на спорот со името.

– Конкретни и веднаш видливи резултати се решавањето на спорот за името меѓу Грција и Македонија, како и почетокот на финалната фаза на дијалогот меѓу Косово и Србија, изјавил Тачи.

Говорејќи за глобалната закана од тероризмот, косовскиот претседател изјавил дека неговата земја е лидер во регионот кога е во прашање борбата против екстремизмот и радикализмот.

– Косово е фактор на стабилноста во регионот, посветено на дијалогот со Србија кој ќе донесе траен мир во целиот регион, изјавил Тачи.

Тој додал и дека „НАТО е во Косово, но сега е време и Косово да биде во НАТО“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top