На 02 јули (понеделник) во 10 часот пред Основен Суд Скопје 1 членовите на „Зелена алтернатива“ организираат мирен протест против бесмисленоста на законот кој ги третира пациентите како криминалци, со барање за овозможување на достоинствен живот и лекување во слобода и без страв и реперкусии и воедно слобода за Филип Достовски основачот на движењето „Зелена Алтернатива“ и најголемиот едукатор во регионов за лекувањето со масло од канабис.
„Зелена Алтернатива“ е со став дека нема ниту подобар ниту посoодветен момент да се застане пред институциите и да се побара декриминализација и легализација на растението за кое науката вели дека може само да помогне, но никако да наштети. Канабисот е лековито растение, кое на илјадници граѓани во Македонија им го продолжува животот, но и на стотици им го загрозува поради строгите и неоправдани законски регулативи. Законот не прави дистинкција помеѓу дилер и пациент, законот вели дека секој граѓанин во РМ кој избрал да се лечи со канабис е криминалец и е во опасност да биде кривично гонет. Нема никаква логика, ниту пак оправдување да се суди некој кој одбрал да се лечи со канабис, свесно кршејќи го законот, за сметка на својот живот. Нема логика да се полнат затворите со пациенти, кои немаат право на избор и немаат легален пристап до својот лек.
-На 02-ри јули ќе му се суди на Филип Достовски, основач и претседател на здружението „Зелена Алтернатива“, кое повеќе од четири години активно учествува во ширењето на знаењето и подигањето на свеста за придобивките од користењето на канабисот како храна и лек, преку организирање советувања, семинари, дебати и јавни настани во Македонија. Зелена Алтернатива е со став дека нема никаква етичка логика да се осудува човек заради кој толку животи се спасени. Филип не е дилер, Филип несебично се бори сите ние да се лекуваме поуспешно, Филип е едукатор заради кој сите научивме како да си го сочуваме здравјето, а неброени се случаите каде токму Филип бил разликата меѓу живот и смрт.
На 02-ри јули нема да дадеме поддршка само на Филип, туку напротив, ќе дадеме поддршка на сите оние пациенти кои што се лекуваат со помош на канабис и ќе побараме од институциите неопходни измени на законските регулативи и слободен пристап до канабисот, затоа што основно човеково право е правото на живот и правото на избор. Ги повикуваме сите оние кои ја поддржуваат нашата иницијатива и нашите заложби, да дојдат пред Основниот Суд 1 во 10 часот на 2 јули, да го прославиме роденденот на Филип и најгромогласно да побараме слобода за него и запирање на бесмисленоста на неговиот судски процес, затоа што “утре“ на негово место може да биде било кој од нас и нашите најблиски, велат од Зелана Алтернатива.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.