Вечерва, со почеток во 20.30 ч. во Салон 19.19 при КИЦ премиерно ќе се изведе претставата „Кафез“ на Ирма Башеска Ристовска, која што е еден дел од сложен уметнички проект насловен како „Маркетингот и уметноста“. Темата е поврзана со родовите политики, поточно ЛГБТК заедницата, и односот на македонската јавност кон оваа маргинализирана заедница. Подготовката на претставата беше пропратена со видео блог на Андреа, транс родова жена која се враќа во Македонија и започнува you tube канал за да искаже свои ставови по однос на приликите кај нас и третманот на транс личностите. Секоја година месец јуни се слави како LGBT Pride Month во чест на Стоунволските немири во 1969-тата година во Менхетен. Како за крај на овој pride месец публиката ќе има можност да се соочи со многу горливи прашања на времето и просторот што го живееме. Што е слобода? Дали навистина секој е слободен, или пак никој не е слободен?
Преку ликовите на Андреа и Симона, две најдобри другарки кои ја отвараат пандорината кутија на нивното пријателство, авторот Ирма Бапеска Ристовска поставува повеќе прашања наменети за секој од нас, без разлика на родовата или половата ориентација:Колку сме сигурни дека луѓето кои се околу нас цел живот, луѓето со кои сме блиски, луѓето со кои делиме се, навистина ги познаваме? А колку пак сме сигурни дека се познаваме самите себе си? Што се случува кога еден свет граден со години, се руши за помалку од еден ден?
Што се случува кога две птици самите себе си се заклучуваат во кафез и започнуваат борба?
Инспирацијата произлегува од реални луѓе, реални ситуации, реални проблеми. Проблеми кои ги засегаат вистински луѓе, длабоко и искрено, проблеми кои не бираат пол и род, проблеми кои стануваат проблеми откако ќе се даде премногу значење на нешта кои не треба да бидат пречка, проблеми кога љубовта се заробува зад решетките на стереотипите и социјалните норми!
Ликовите на Андреа и Симона го толкуваат Ристе Ѓорѓиевски и Надица Петрова. Продуцент на претставата е Центарот за образование, култура и уметност „Данаил Станојески“. Проектот е финансиски поддржан од Министерство за култура на Р. Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.