| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ во обвинувањата кон претседателот Иванов, ниту еднаш не го напиша или спомена уставното име на државата, Република Македонија

Од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија попладнево испратија писмена реакција за денешната прес-конференција на пратеникот на СДСМ Костадин Костадинов кој обвини дека поради неодговорноста на Иванов 20 амбасадорски места на земјава стојат испразнети.

-Тврдењето на Костадинов дека претседателот Иванов ги блокира назначувањата на амбасадорите на Република Македонија е голема лага и манипулација, со цел дефокусирање на јавноста и обид за вршење притисок врз македонскиот претседател, поради неговиот став за Законот за ратификација на Спогодбата со Грција. Доколку политичката партија СДСМ има забелешки за постапката и процедурите за именување на амбасадори, ја упатуваме на одговори во Кабинетот на министерот за надворешни работи – пишува во реакцијата од претседателскиот кабинет.

Оттаму информираат дека за сите предлог-кандидати за амбасадори, за кои претходно е постигната согласност со МНР, постапките за нивно именување се во тек. Согласно законските процедури, велат, за дел од прифатените и усогласени предлози, постапките за нивно именување се завршени и дипломатите се веќе упатени на извршување на амбасадорската должност.

-За изјавата на Костадинов дека „претседателот Иванов дејствува само кога треба да аболицира криминалци“, потсетуваме дека на таа листа на помилувани се наоѓа и Зоран Заев, кој е помилуван два пати, а претходно и аболициран од поранешниот претседател Црвенковски. Оттука, благодариме на искреноста на политичката партија СДСМ што својот лидер го третира како криминалец. За нас е нејасно, како може политичката партија СДСМ во денешните три јавни настапи со обвинувања кон претседателот Иванов, ниту еднаш да го напише или спомене уставното име на нашата држава, Република Македонија- пишува во реакцијата од Иванов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top