| четврток, 6 декември 2018 |

Црвенковски не заслужил повик од Заев!

Поранешниот претседател на СДСМ, премиер и претседател на Република Македонија, Бранко Црвенковски не заслужил барем еден телефонски повик од неговиот партиски наследник Зоран Заев за да го запознае директно и изворно со договорот за името со Грција! Не заслужил дури тоа да го дознае ни преку посредници.

Угледниот, честитиот и достоинствен премиер на се уште Република Македонија, Зоран Заев, човекот кој додека го дише овој македонски воздух, додека го држи памет дека неговиот дедо, татко, сите негови претци, тој, неговите син и ќерка се Македонци, родени овде во Македонија, немаше да го смени името на државата, но и не само тоа, туку и веруваше дека не постои роден човек во Македонија, кој е подготвен да излезе пред Парламентот и да побара промена на Уставот заради промена на уставното име, човекот кој, сепак, ќе биде премиер на Република Северна Македонија, во неодамнешното интервју за 1ТВ рече:

– Знам дека Црвенковски сака да бидеме членка на ЕУ и НАТО, но немаме разговарано сега. Претходно преку посредници не охрабрубаше, но се немаме слушнато – рече Заев.

Навистина штета. Па, кој не сака да бидеме членка на ЕУ и НАТО!? Ама прашањето е по која цена? Додуша има и такви, кои се против, ама ретки се. Очигледно, нешто не штима во комуникацијата меѓу Црвенковски и Заев. Ама, работата да е дојдена до таму да не се крене слушалка и да не му се соопштат деталите од договорот со Грција говори и нешто друго. Угледниот, честитиот и достоинствен премиер на се уште Република Македонија, Зоран Заев, да не стравува случајно од реакцијата на која може да наиде? Особено по се што стори со историските темели на државата, идентитетот, опсегот на употребата на името…Не сум баш убеден дека секојдневните курназлаци ќе поминат така лесно кај Бранко. Има, има многу работи, што и тој може да ги каже.

Пишува: Предраг Димитровски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top