| четврток, 6 декември 2018 |

Кабинет на Иванов: Одговорно, совесно и транспарентно располагаме со буџетските средства

Кабинетот на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, изминатите девет години, максимално одговорно, совесно и на транспарентен начин располага со буџетските средства.

Ова се наведува во реакцијата на Кабинетот на претседателот во врска со соопштението од Владата во кое се посочува дека Иванов не одговорил на поканата да ја прифати Алатката за отчетност, со што одбива да ги информира граѓаните за неговите службени трошоци.

Од Кабинетот на Иванов потенцираат дека сите јавни набавки од нивна страна се извршени на максимално транспарентен начин и согласно сите законски регулативи и истите се јавно достапни. Ова, како што посочуваат, го потврдуваат и ревизорските извештаи за работењето на Кабинетот на претседателот спроведени од страна на Државниот завод за ревизија.

Со цел објективно информирање на јавноста, Кабинетот на претседателот на Република Македонија, како и досега, така и во иднина, целосно стои на располагање за било какви информации кои се однесуваат на финансиското работење и трошењето на народните пари за службени потреби. Со оглед на тоа дека постојат механизми за проверка на финансиското работење на државните институции, Кабинетот на претседателот нема законска обврска да прифаќа дополнителни „алатки“, стои во реакцијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top