| четврток, 6 декември 2018 |

Виолета Томовска: Ќерка ми Невена е „македонското девојче“ од песната

Виолета Томовска, првата дама на македонската народна музика, иако неодамна наполни 73 години, сѐ уште има енергија, волја и бисерен глас, на верната публика од повеќе генерации да ѝ ги стопли срцата пеејќи ги своите аманет-песни, со кои денес се идентификува македонскиот народ, дома и секаде, каде што е расеан по светот. Нема Македонец што не ги запеал „Македонско девојче“, „Ој, Вардаре македонски“, „Едно име имаме“, „Молитва“, „Љубов голема“, „Песна ви пеам, Македонци“, „Запеј песна, Македонко“… Речиси во сите се споменуваат Македонија и Македонците и токму затоа сите се своевидни химни на нашиот народ, пишува Нова Македонија.

– Моите песни се подарок и порака за публиката, вели Виолета Томовска која што својата 57-годишната музичка кариера ја почна на 16-годишна возраст.

Според многумина, нејзин заштитен знак е песната „Македонско девојче“, чиј автор е легендарниот Јонче Христовски.

– Јонче Христовски го знаев уште од малечка, кога доаѓаше кај нас во Битола. Тој остави хитови што не се бришат, како „Ако умрам или загинам“, „Едно име имаме“, „Свирете ми чалгии“… Имаше свој специфичен стил и никој не можеше да го имитира. На мене и на Кирил ни подари бисер-песни, а меѓу првите беше „Запеј песна, Македонко“, но ниеден наш концерт не можеше да се замисли без неговите „Ој, Вардаре македонски“ и „Едно име имаме“.

– Сепак, најпозната од сите е „Македонско девојче“, ја пеат и децата во градинка. Снимена е на повеќе светски јазици, а ја изведувале и познати светски хорови. Премиерно ја слушнавме на првиот роденден на ќерка ми Невена во 1967 година. Славевме кај нас дома, а гости ни беа Кочо Петровски, кумот Кирил Манчевски, Јонче Христовски… Пеевме и се смеевме по вечерата, а тогаш тој рече: „Оваа песна ѝ ја подарувам на Невенка, но и на сите македонски девојчиња“. Лани со спот и роденденска забава-изненадување за ќерка ми одбележивме 50 години од првата изведба на „Македонско девојче“, се потсетува Виолета.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top