| четврток, 6 декември 2018 |

Слаб интерес за запишување во средните училишта во Кочани и Виница

Мала заинтересираност покажале завршените полуматуранти на првиот уписен рок во средните училишта во Кочани и Виница.

Во гимназијата „Љупчо Сантов“ во Кочани се пријавиле 138 ученици, иако имаше 272 слободни места за нови средношколци. Во електромашинското средно училиште „Гошо Викентиев“, пак, интересот е уште послаб, бидејќи од 442 слободни места, засега се поднесени пријави за 149.

– При пријавувањето во Гимназијата поголема заинтересираност имаше за струката економски техничар за што се пријавија 77 ученици, а во општа гимназија 61 ученик. Кај техничкото училиште, пак, најголем одѕив има за електроструката, вкупно 88 ученици, а далеку помалку за сообраќајната – 33 и за машинската струка – 32 ученика. Со оглед што годинава во Кочани има околу 320 ученици кои завршија основно образование, до крајот на уписите не може да се очекува драстична промена во однос на бројот на пријавени за запишување во средно, освен ако не дојдат ученици од соседните општини, истакна Голубина Георгиева од одделението за јавни дејности на општина Кочани.

Мала надеж дека може да има позитивни промени во иднина е што годинава во Кочани се запишаа 308 првачиња, што е за 25 повеќе од лани.

Релативно подобра е состојбата во единственото средно училиште во Виница, каде во првиот рок пријави за упис поднеле 95 ученици, а има вкупно 120 слободни места.

– Годинава и кај нас значително е опаднат интересот за гимназиското образование, а учениците повеќе се пријавуваа за машинската и сообраќајната струка. Обидот да се реактивира и да заживее прехранбената струка воопшто не успеа, односно на првиот уписен рок не добивме ниту една пријава, рече Тихомир Тасев, директор на СОУ „Ванчо Прке“ од Виница.

Завршените деветтоодделенци од двете општини покажале зголемен интерес за запишување на медицинските насоки, образовен профил што го има само во соседниот Штип.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top