| четврток, 6 декември 2018 |

Уште едно буренце вино за Фуере

 Предраг Димитровски

Поранешниот амбасадор на Европска унија во Скопје, Ерван Фуере, заслужува уште едно буренце вино од охридските рибари. Овојпат не наместено, туку чисто за да му направат чест. И не мора да биде токму на Денот на рибарите. Може при првата негова посета на Република Македонија ако дојде побргу или на Република Северна Македонија ако патот го води ваму по најавената промена на името на државата. Зашто, дури и како лево ориентиран ем „мераклија„, ем „џумбушлија„го оцени договорот со Грција како „еднонасочен“, со повеќе обврски за Македонија.

Ирецот, како виш научен соработник во Центарот за европски политички студии, изнесе и други забелешки за договорот со кои, на извесен начин и директно ги прозва домашните (не)владини организации, кои се занимаваат со основните човекови права и слободи.

-Зборовите „споделени вредности„, „споделено наследство„ или „еднаквост„ не се јавуваат никаде во текстот на конечниот договор, иако договорот е воден од принципите на „демократијата, основни слободи, почитување на човековите права и достоинството„, итн, во согласност со релевантните конвенции на ООН, ОБСЕ и Советот на Европа. Веројатно, тоа би било чекор предалеку за грчката страна, каде што гласовите против каков било договор се гласни. Сепак, не треба да се заборави дека Грција ги нема усвоено текстовите на Советот на Европа во врска со правата на малцинствата, признавајќи го само муслиманското малцинство според договорот од Лозана од 1923 година“, констатира, меѓу другото, Фуере.

Ако делот за Грција, како некакво алиби се стави на страна, прашањето што се поставува пред домашните (не)владини организации е да објаснат дали зад „опашката„ залепена за националноста, а особено зајазикот има елементи на дискриминација и ксенофобија? Чисто заради домашната јавност и граѓаните, пред нивното изјаснување на референдумот. Зашто, таа во иднина треба да биде составен дел од сите лични документи.

Интересен е и делот од написот на Фуере во кој вели:„Во договор наменет за решавање на спорот за името имаше ли потреба да се оди во толку многу детали за да се направи разлика што е „словенска култура„, а што „хеленска култура„, како со векови да живееле на различни планети, а не како непосредни соседи„. Не сакам да кажам дека поранешниот евроамбасадор ништо не научил и залудно го потрошил времето минато во Македонија. Ама, ме интересира една работа. На пример, според договорот, што ќе бидат и како ќе се третираат сесловенските просветители Кирил и Методиј? Зашто, грчкиот претседател во една прилика, при негова посета на Словачка, ги именуваше како Грци!

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top