| четврток, 6 декември 2018 |

Премиерот Заев и „Само вистина“

 Предраг Димитровски

„Не се заканувам, јас сум чесен, но ќе ја отстранам секоја блокада, се што дава демократијата и институциите„, изјави, меѓу другото, премиерот Зоран Заев во гостувањето на Канал 5 телевизија, во емисијата „Само вистина„. И нема никакво сомневање. Тој е личност и човек со високи етички и морални норми и вредности, што соодветствуваат и на самиот наслов на емисијата, чиј гостин беше. Затоа телевизијата и емисијата имаат речиси неповторлива можност да ја брендираат со неговиот лик и изјави. Посебно се препорачливи две.

Првата кога вели:„Додека дишам, додека го дишам овој македонски воздух, додека ме држи памет дека мојот дедо, мојот татко, сите мои претци, јас, мојот син, мојата ќерка сме Македонци, родени овде, во Македонија, тоа не може да се случи. Не само тоа, верувам дека не постои роден човек во Македонија, кој е подготвен да излезе пред парламентот и да бара промена на Устав заради промена на уставното име„.

И втората од самата емисија:„Јас ќе бидам премиер на Република Северна Македонија„.

А, за да биде премиер на Република Северна Македонија, нели, ќе мора да се смени и Уставот, зашто новото име на државата ќе биде за севкупна употреба. Во секој случај, ова е само предлог за што одлучува самата телевизија.

Премиерот Зоран Заев во емисијата најави дека парламентарното мнозинство ќе побара импичмент на претседателот Ѓорге Иванов доколку тој не го потпише договорот за името со Грција, ако граѓаните на референдум се изјаснат позитивно. И се пожали од шефот на државата:
– 3 минути беше средбата. Не можевме ни вода да се напиеме, немаше вода пред нас. Седнавме, тој беше со својот тим. Праша каде е договорот, му рековме дека се архивира во МНР, тој рече дека нема што да разговараме стана и си отиде. Претседателот станува и ние станавме. Никола ме погледна, што правиме, ќе си одиме..
На страна политиката. Но, зошто премиерот и министерот за надворешни работи воопшто отишле кај претседателот Иванов? За да му го дадат во писмена форма постигнатиот договор со Грција или онака, на една чисто алиби средба?! Да не кажам како двајца фраери на селска чешма, демек, да го извозат Иванов и да кажат пред домашната и светската јавност дека го информирале за се?! Ниско и проѕирно. Па, уште немало ни вода пред нив! Ете, гледаш, да имаше вода, а таа, нели, не оди на „голо„ и бара виски, па и морски плодови, веројатно се ќе беше поинаку. Ааа, претседателе, претседателе Иванов, не ви бил денот. Штета. За премиерот и министерот, де!

Уште една поента од „Само вистина„. Своето гостување Заев го искористи да биде бледа копија на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас. Меѓу другото, го обвини поранешниот премиер Никола Груевски дека во 2012-2013 година се согласил нашата земја да го добие името „Горна Македонија“, но Грција одбила, бидејќи била испровоцирана од антиквизацијата и од проектот „Скопје 2014“. И да било така, ама не е, како што тврди во својот ФБ статус самиот Груевски, постои огромна разлика во приодот кон користење на документите од страна на Заев и Коѕијас. Грчкиот министер за надворешни работи тоа го направи за време на парламентарната дебата околу гласањето (не)доверба на Владата на Ципрас, а нашиот премиер тоа го прави во ТВ-емисија. Истовремено, со разно-разни политикантски игри во Собранието на, се уште Република Македонија се избегнува сеопфатна дебата за постигнатиот договор со Грција. Правило е, оригиналот е оригинал, а копијата си е копија.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top