Поранешниот амбасадор на Европска унија во Скопје, Ерван Фуере, го оцени договорот со Грција како „еднонасочен“, со повеќе обврски за Македонија, пишува порталот Експрес.мк.
„Ова беше спор на кој уште од самиот почеток му недостигаше рамен терен за игра. Грција ја искористи секоја можност за да демонстрира дека, како члена на НАТО и на ЕУ, би можела да ги диктира условите на преговорите. Текстот на конечниот договор навистина дава впечаток на еднонасочен договор, во кој повеќето од обврските треба да бидат исполнети од една страна – Македонија“, напиша Фуере во својот коментар насловен „Напредок во решавањето на грчко-македонскиот спор за името: Ќе го пресече ли Гордиевиот јазол најпосле?“, објавен на вебстраницата на тинк-тенкот „Центар за европски политички студии“ (ЦЕПС).
Ирецот, кој е виш научен соработник во Центарот, има и други забелешки за договорот потпишан завчера во селото Нивици во грчкиот дел од Преспанско Езеро.
„Во договор наменет за решавање на спорот за името имаше ли потреба да се оди во толку многу детали за да се напреави разлика што е ‘словенска култура’, а што ‘хеленска култура’, како со векови да живееле на различни планети, а не како непосредни соседи. Зборовите ‘споделени вредности’, ‘споделено наследство’ или ‘еднаквост’ не се јавуваат никаде во текстот на конечниот договор, иако договорот е воден од принципите на ‘демократијата, основни слободи, почитување на човековите права и достоинството’, итн, во согласност со релевантните конвенции на ООН, ОБСЕ и Советот на Европа. Веројатно, тоа би било чекор предалеку за грчката страна, каде што гласовите против каков било договор се гласни. Сепак, не треба да се заборави дека Грција ги нема усвоено текстовите на Советот на Европа во врска со правата на малцинствата, признавајќи го само муслиманското малцинство според договорот од Лозана од 1923 година“, констатира Фуере.
„Договорот предвидува формирање на ‘Заеднички интердисциплинарен комитет на
експерти за историски, археолошки и образовни прашања и ‘Совет за соработка на високо ниво’ за промовирање на соработката во економијата, транспортот, образованието, културата и во многу други области. Но, со почетна точка на ‘посебна’, наспроти ‘споделена’ култура и наследство, ќе бидат потребни големи напори за да се осигура дека овие тела ќе бидат способни да функционираат во духот на добрата волја во промовирањето помирување меѓу двете страни. Ова е местото каде што напорната работа навистина почнува“, пишува тој.
Во однос на референдумот во Македонија најавен за наесен, Фуере го нуди примерот со плебисцитот за мировниот договор во Северна Ирска од април 1998 година.
„Владата мора да ги убеди граѓаните дека нивниот македонски идентитет и култура
остануваат недопрени со овој договор. За да биде успешен референдумот, таа треба да ги вклучи сите главни актери во општеството, особено академските кругови, Црквата, медиумите и сите сектори на граѓанското општество на национално и на локално ниво. Ќе бидат потребни максимална отвореност и транспарентност на Владата за да ѝ дозволи на јавноста гласно изразување на чувствата, без ограничувања“, препорачува ексамбасадорот на ЕУ во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Павлопулос: Нема да прифатиме своеволни толкувања на Договорот од Преспа
-
Заев: Македонско-грчката комисија ќе почне да работи откако ќе се ратификува Договорот од Преспа во двете земји
-
Каменос се закани дека ќе ја напушти владата, кога Договорот од Преспа ќе дојде во парламентот
-
Кувелис: Договорот од Преспа ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент