| четврток, 6 декември 2018 |

Колективно харикири пред Хан

 

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, е подготвен да дојде во Македонија за најавениот референдум за договорот со Грција. Според интервјуто за виенски „Стандард“, сака на лице место да се заложи и ангажира за негова реализација. Со едно предупредување дека не би било добро референдумот да се врзува за вонредни избори.

Убаво од негова страна. Зашто, неговата оценка дека во земјата има одредено влијание и оти е подготвен истото да го искористи во насока на успешен исход од изјаснувањето на граѓаните не само што потврдува на каков се притисок ќе бидеме изложени, туку однапред го навестува целиот натамошен развој на настаните. Во тој контекст, дури и улогата, што би требало да ја има, како што вели, дел од актуелната опозиција за да се стигне до неопходното двотретинско мнозинство за промена на Уставот. Се разбира, врз основа на референдумските резултати и нивното почитување. Со други зборови, еврокомесарот Хан веќе ги сомле оние 62 отсто од македонските граѓани, кои според последната анкета на МЦМС не се согласуваат и не се подготвени за промена на уставното име на државата. Значи, се што ќе следува, ќе биде само обична фарса!

Во изминатите неколку години господинот Хан во Македонија беше присутен безброј пати и често беше напаѓан во медиумите де од лево, де од десно. Во зависност од пораката, што ќе ја испратеше. Иако, длабоко верувам во тоа дека неговите намери да ни помогне во моментите на најголемата политичка криза биле секогаш искрени и добронамерни. Дека тој има одредено влијание во земјата е повеќе од јасно. И, за да нема дилеми дека тоа може на било кој начин да го злоупотреби би било можеби најдобро сите граѓани нему да му ги дадат референдумските ливчиња. За да може самиот да ги заокружи како што смета дека е најцелисходно и да ги става во соодветните кутии. Не смее ништо да се остави на случајноста! На тој начин ем резултатот ќе биде позитивен, ем ќе биде исполнет потребниот цензус на излезност, за што треба да одлучат самите граѓани. Зашто, ако „некои прашања не заслужуваа одговор„ и тоа околу територијалната поделба, тогаш што да се каже за бришењето на се што е македонско и самобришењето на Македонците од листата на народите! Ем ќе не тепаат, ем нема да ни дадат право ни да плачеме! Згора, што и да направиме господинот Хан нема сигурни гаранции дека од грчка страна нема да има други пречки. За него, единствена сигурна работа е само смртта! И, во право е. Во конкретниот случај, не само фигуративно, туку и објективно, единствена сигурна работа е – смртта на Македонците! Колективно харикири! Со само еден потпис на само еден документ! Подготвен со „многу креативност„ на светските моќници, а не на самите потписници, кои имаат улога на балкански карикатури и обични послушници. Без оглед што ги величаат во лидери и ги предлагаат за Нобелова награда за мир. Ама, барем ќе знаеме дека за смртта не сме гласале ние самите. Некој друг ќе го стори тоа. Еврокомесарот Хан. За да го оправда целосно оптимизмот со кој зрачи. Зошто? Едноставно! Целата геостратешка игра на овие простори да се заокружи целосно и геополитички. Единствено на штета на Македонците и нивниот, од никого не посакуван македонизам!

Патем, би можел да направи уште еден гест. Нешто што не сакаше и одби да го стори пред една година. Да ги посети во домашен притвор организаторите на движењето За заедничка Македонија, Игор Дурловски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски… Сега обвинети за тероризам, поради настаните од 27 април лани. Чисто да ги слушне што тие тогаш сакале да му кажат. А, верувам дека што и да му пренесат, ќе му биде добредојдено. Зашто, златно правило е секогаш да ги слушнеш двете, а не само едната страна. Кој и зошто лани му сугерирал да ги избегне не знам, но повеќе од убеден сум дека ако одвоеше барем пет минути, немаше да се случи тоа што се случи во Собранието. Или, целта беше токму тоа!?

Пишува Предраг Димитровски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top