| четврток, 6 декември 2018 |

Несторовски и Трајковски со Палермо не успеаја да се вратат во Серија А

Македонските репрезентативци, Илија Несторовски и Александар Трајковски не успеаја со својот Палермо да се вратат во Серија А. Тие беа само на чекор од  враќање во најсилната италијанска лига откако во првиот меч од финалето го совладаа Фросиноне со 2-1.

Сепак вечерва противникот го победи Палермо со 2-0 и си обезбеди промоција во Серија А. На полувремето беше 0-0, резултат кој му носеше на Палермо промоција, но веќе на стартот од вториот дел, Мајело постигна прекрасен гол од далечина за огромна радост на домаќините.

Потоа следуваше контроверзна одлука на судијата на штета на „Сицилијанците“. Коронадо беше фаулиран на работ на шеснаесетникот, судијата најпрво досуди слободен удар, па ја преиначи одлуката и покажа на белата точка, но по расправијата и објаснувањето со двата табори играчи, се предомисли уште еднаш и се врати на првичната одлука, односно слободен удар.

Од повторените снимки се виде дека прекршокот е на линијата што значи дека е пенал, но во Серија Б нема ВАР, па „Сицилијанците“ беа оштетени.

Во финишот од мечот имаше нов голем хаос, публиката и резервите на Фросиноне фрлаа екстра топки во теренот за да ги спречат обидите на Палермо да изедначи, а кога гостите тргнаа со сите сили во напад, Чиано по една контра погоди за 2-0 во 97. минута.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top