| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на две обновени изданија на Лилјана Дирјан

„Тешка свила“ и „Снег за двајца“ на Лилјана Дирјан, кои се постхумно обновени од издавачката куќа „Антолог“, вечерва ќе бидат промовирани во Скопје.

„Тешка свила“ е поетска збирка, поделена во три целини. Збирката дава слика за индивидуалното поетско доживување и сеќавања на некои минати времиња, фасцинацијата од ориенталната култура, со умерен еротизам, прикажен преку призма на (в)љубена жена, со целата нејзина нежност и потреба за допир.

„Снег за двајца“ е прозно дело напишано во форма на дневник меѓу два лика што некогаш биле во љубовна релација. Двата лика, Отсутниот и Присутната, ја читаат Марина Цветаева. Дирјан интегрира цитати, делови од писмо на Марина Цветаева напишано до поетот Евгениј Лозман, зимата 1920 година. Секако, покрај Цветаева, Дирјан комуницира и со многу други врвни писатели како Кафка, Бродски, Песоа, Сабато, Бекет, Бела Хамваш, Даша Дрндиќ… Никогаш директно не го открива изворот, туку му препушта на читателот да се движи по оставените траги.

Лилјана Дирјан (1953-2017) е родена во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје. Била на студиски престој во Париз како стипендист на француската влада и Фондацијата „Губелкијан“. Поезијата на Дирјан е преведувана на многу јазици и е застапена во антологиите на македонската современа поезија. Долги години работела како главен уредник на списанието „Жена“. Била еден од основачите и член на Друштвото на независни писатели на Македонија, како и уредник и еден од основачите на регионалното списание за литература „Сараевски тетратки“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top