| четврток, 6 декември 2018 |

Денес и утре Иванов во Бугарија

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов од денеска ќе престојува во дводневна официјална посета на Република Бугарија, на покана на бугарскиот колега Румен Радев.

Претседателот Иванов, како што соопшти неговиот кабинет, во Софија со највисоки државни почести ќе биде пречекан од бугарскиот претседател Радев.

Предвидено е двајцата претседатели да одржат тет-а-тет средба, по што двете официјални делегации ќе одржат пленарен состанок. Претседателот Иванов, придружуван од претседателот Радев, ќе положи венец пред Споменикот на Непознатиот војник во Софија.

За време на официјалната посета, претседателот Иванов ќе има средба со претседателот на Народното Собрание на Република Бугарија, Цвета Карајанчева, со бугарскиот премиер Бојко Борисов и со заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи, Екатерина Захариева.

Претседателот Иванов ќе го посети и Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, каде е предвидена средба со македонски граѓани, стопанственици и културни дејци кои живеат и работат во Република Бугарија.

За време на официјалната посета на Бугарија претседателот Иванов ќе биде придружуван од сопругата Маја Иванова.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top