Македонската историја во ликот и делото на премиерот Зоран Заев добива уште еден, нов, современ Симеон Радев. Неговиот потпис на постигнатиот договор со Грција нема во многу да се разликува од оној на споменатиот ресенчанец. Радев, родум од Ресен, во функција на министер за надворешни работи на царството Бугарија, во 1913 година стави параф на Букурешкиот договор со кој се визираше парчосувањето на отоманска Македонија од страна на сите нејзини соседи. Споменувањето на неговото име и ден денес наидува на осуда и отпори во домашната јавност. Последен пат тоа се случи со намерата на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, на зградата на палатата „Борис Сарафов„ или на Министерството за надворешни работи да постави негова фигура.Најавениот параф на Заев, пак, ќе значи не само исполнување на сите грчки желби за надминување на, од нивна страна наметнатиот спор околу името на државата Република Македонија, туку и понижување на Македонците, што ќе не стигматизира за век и веков и како народ и како граѓани. А, што се се крие зад тоа допрва ќе видиме. Зашто, директното обраќање на премиерот пред јавноста беше само обична обланда или, подобро речено, филот на тортата, но не и целосно откривање на рецептот и нејзините состојки. Какви се стапици се кријат зад прифатеното и потпишаното ќе се види по деталното читање и препрочитувањена секоја реченица, на секој збор, на секоја точка и запирка. Тоа што веднаш почнаа да стигнуваат честитки од сите страни не значи ама баш ништо. Зашто, на крајот на краиштата, се што ни се случуваше во изминатите неколку години и добивањето на октроираната влада не беше за некаков „уметнички впечаток„, туку токма за да се постигне ова.
Навистина е вистинско чудо како ни најдобрите и најголеми пи-ар стратези и експерти во Владата, колку и да се обидуваат, сепак не можат да го поправат или исправат тоа што самиот премиер ќе го каже или направи. Само 48 часа пред обраќањето пред јавноста, премиерот Заев беше гостин на „Топ тема„ на Телма телевизија и притоа, меѓу другото, зебележа дека лично не стравува од незадоволство по објавувањето на договорот.
– Граѓаните ќе ги имаат на увид сите аргументи, сите фактори ќе го кажат својот став. Но, можно е се, може да заврши мојата политичка кариера. Носам одлуки, ќе го соопштам мојот став и ќе чекорам согласно договореното, а потоа следува референдум. Веројатно влегувам во една магла како политичар, а заедно со мене и оваа Влада и ова мнозинство. Од маглата можеме да излеземе длабоко во морето и да се удавиме политички, но може да излеземе и на некоја зелена полјана. Тоа се опциите за мене, за Владата, за мнозинството. Македонија ќе излезе на автопат, ќе чекори напред и само тоа е важно, изјави Заев.
Значи, самиот призна дека и тој и целиот владин кабинет со договорот влегуваат во магла. И таа магла беше присутна во обраќањето, наспроти обидот да се претстави некаква сигурност, а уште помалку некој вид на оптимизам. Тоа најдобро го потврди срамежливиот аплауз, што го започна вицепремиерот Кочо Анѓушев. Тој и има вистинска причина да аплаудира. Си ја продаде својата фирма на Грци за повеќе од 4 милиони евра. Ама, кај останатите членови од кабинетот аплаудирањето беше само „реда ради„, што би рекле северните соседи.
Натаму, менувањето на Уставот за севкупна употреба на новото име за самиот премиер значеше понижување. Тоа го кажа во едно неодамнешно интервју за БТВ.Заев тогаш истакна дека е многу важно дома да не бидеме понижени.„Кога влеговте во оваа зграда, однадвор пишува Влада на Република Македонија. Да не се бара тоа да го промениме„. И сега, може некој друг да каже и да не убедува дека промената на Уставот и севкупната употреба на новото име не е понижување кога тоа го рекол самиот премиер? Не, не и точка! Па, и кога да треба тоа да се случи и со какви и да било обвинувања да настапува, а најмалку од типот дека некој е против Македонија.
Најголемо внимание во првичните реакции предизвика делот од договорот околу откажувањето на малцинството во Грција. И со право. Но, тоа е само едната страна од паричката. Другата е многу посуштествена. Потписот на премиерот Заев во овој сегмент ќе значи и директно бришење на историјата. Значи, веќе нема да постои Абецедарот од почетокот на 20-тите години на минатиот век, нема да постои геноцидот до почетокот на Втората светска војна, без разлика дали Македонците ќе се именуваат како такви или како Славомакедонци или славофони. Нема да постои Втората светска војна и учеството на македонските единици во Грција на страната на грчките антифашисти, нема да постои Граѓанската војна во Грција, нема да постои протерувањето на Македонците, на децата бегалци, нема да постои бомбардирањето со напалм-бомби на Вич и Грамос, нема да постојат одземените имоти, нема да постои дискриминаторскиот закон за враќање на жртвите на Граѓанската војна само за Грците по род…
Ова се само некои работи така, грубо нафрлени. Белите мечки, што ќе почнат да излегуваат, многу скоро ќе ги видиме.
Пишува: Предраг Димитровски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст