| четврток, 6 декември 2018 |

Заев и Димитров ќе го информираат Иванов за договорот со Ципрас

Премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во 10 часот ќе го информираат претседателот Ѓорге Иванов за постигнатиот договор со Грција за спорот со уставното име на Македонија.

Вчера Ципрас изјави дека е постигнат успех со прифаќање на грчките услови за географска одредница и ерга омнес, а Заев дека е зачуван македонскиот идентитет и јазик. Деталите од договорот следуваат денеска или утре.

Според официјалните изјави на двајцата премиери договорено е новото име на Македонија – Република Северна Македонија (Republic of North Macedoniia) кое ќе биде за внатрешна и надворешна употреба. Тоа подразбира и уставни измени. Македонскиот премиер вели дека македонскиот јазик во договорот ќе стои без фуснота, онака како што е потврден од ООН.

Во графата националност ќе стои македонска/граѓани на Северна Македонија (Macedonian/Citizens of North Macedonia).

Од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов соопштија дека изјавата на Заев оти евентуалното отфрлање на договорот со Грција ќе ги загрози перспективите на Македонија за влез во ЕУ и НАТО и ќе ги зголеми внатрешните опасности претставува очаен обид за манипулација на јавноста и наведување на македонските граѓани во пресрет на евентуално референдумско изјаснување.

„Претседателот Иванов смета дека е несериозно и неодговорно е прашањето за името, кое е исклучително важно прашање за граѓаните, и наметнати технички барања да се решаваат телефонски и по пат на личен договор меѓу премиерите на на двете држави“, се вели во вчерашната реакција на Кабинетот на Иванов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top