| четврток, 6 декември 2018 |

Еколошки и евтино: Ефикасно средство против комарци

Талогот од кафе е новото решение против комарци, кое не само што секојдневно ни е на дофат, туку е и еколошки чисто и настрана од штетните хемикалии и средства кои ги користиме.

Освен познатите примени на талогот од кафе, компостирањето и пилингот на кожа, талогот може да најде примена и како ефикасно средство против комарците, тврди американската Агенција за заштита на околината (ЕПА).

Миризбата од чадењето на запален талог од кафе ги одбива комарците како и другите инсекти, а самата постапка е доста едноставна и се постигнува во само неколку чекори. Истиот ефект, со нешто послаб интензитет се постигнува и со обично мелено кафе.

Инструкции:

Собраниот талог од кафе треба да биде поставен врз алуминиумска фолија на рамна површина. Истиот се суши на темно и ладно место, се додека не биде потполно сув.

Така исушениот талог се става на рамна површина, на отворено место, далеку од дофат на деца и домашни миленичиња.

Талогот (меленото кафе) се пали внимателно, користејќи долго чкорче или запалка (поради безбедност од изгореници) се до моментот кога ќе почне да чади.

Талогот гори полека и миризбата од чадот ефикасно ги одбива комарците.

Постои уште еден начин на обликување на талогот по должина, слично на барутот во цртаните филмови. Вака обликуваниот талог се пали на едниот крај, гори полека, а миризбата ефективно ги одбива комарците.

Дополнително, кафето може да се искористи и во борба против мравки. Меленото кафе се посипува на проблематичните места, а резултатот е брз и очигледен.

Мора да се сложиме дека ваквите примени на кафето звучат одлично, примамливо, и секако се едноставен трик кој треба да се проба!

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top