| четврток, 6 декември 2018 |

Заев: Се надевам на договор, штом се постигне, јавноста ќе ги дознае деталите

Сѐ уште нема договор, се надевам дека денеска ќе се договориме со премиерот Алексис Ципрас, изјави премиерот Зоран Заев, денеска по учеството на Бизнис форумот „Инвестициски проекти и можности во секторите транспорт, енергетика и животна средина во Република Македонија“.

– Денеска имаме суштински разговор за конечно решавање на ова прашање. Ако се договориме тоа ќе се соопшти од двете страни во исто време. Ако има договор веднаш ќе се почне со агенда за тоа кога да се потпише, кога ќе ѝ се соопшти на јавноста, ќе се закажуваат средби со политичари и партии – додаде Заев.

Тој нагласи дека најважно е референдумското изјаснување на граѓаните.

– Референдумот е многу важен за решавање на името – рече Заев и ги повика сите политички партии, особено претседателот на државата Ѓорге Иванов, да внимаваат во изјавите и да им помогнат на граѓаните полесно да се изјаснат на референдумот.

Во врска со имињата, Заев рече дека сите предлози од посредникот од ОН, Метју Нимиц се во игра.

– Северна, Горна, Нова, Вардарска, многу имиња беа во опција, ги знаете и предлозите на Нимиц, јас би почекал до самиот крај да соопштам заради тоа што навистина се уште немаме договор. Јас се надевам дека можеби ќе имаме или многу брзо ќе имаме. Но, штом ќе го имаме, веднаш ќе ги соопштиме сите детали од договорот – изјави тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top