| четврток, 6 декември 2018 |

Ѕанакопулос е оптимист: Заев ќе го направи решителниот чекор и ќе стигнеме до договор

Оптимизам дека македонскиот премиер ќе го направи „решителниот чекор“ и ќе се постигне договор, изразува портпаролот на грчката влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос во интервју за грчкиот весник „Неа селида“.

– Преговорите, но и политичката одлука за решавање на спорот со името не се лесни. Господинот Заев треба да размисли за сите аспекти и да преземе голема одговорност кон неговите сонародници, нешто за што сум сигурен дека ќе го стори. Ако некои во политичкото раководство на ПЈРМ сакаат да ја поткопаат можноста за изнаоѓање решение, не е нешто што би можел да го знам. Но, оптимист сум дека на крај господинот Заев ќе го направи решителниот чекор и ќе стигнеме до договор, вели Ѕанакопулос и додава дека и Заев и Ципрас знаат дека решението е „неопходен предуслов за иднина на солидарност и соработка на Балканот“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, портпаролот на грчката влада и министер без ресор, во интервјуто, не сакаше да открие дали договорот би се ратификувал во грчкиот парламент пред или по уставните промени кај нас, но рече дека ќе постојат мерки за исполнување на сите обврски.

– Доколку постои договор, нешто што го посакувам, тогаш договорот ќе ги предвидува и неопходните чекори за ратификација од двете страни. Но, во овој момент, во клучната точка за завршување на преговорите, не сакам да одам во повеќе детали. Можам само да ви кажам дека министерот за надворешни работи и премиерот ги имаат обезбедено сите потребни мерки за да се задржат сите обврски што треба да ги преземат нашите соседи, рече Ѕанакопулос, додека пак на прашањето каков став ќе заземе Атина на самитите на НАТО и ЕУ, дали ќе даде зелено светло за наша интеграција, тој вели дека „сѐ ќе зависи од тоа дали ќе постои договор или не“.

Министерот без ресор и портпарол на грчката Влада вели дека во Грција постојат „политички и општествени соодноси за да има мнозинство во парламентот“ кога договорот ќе стигне за гласање. Додека пак во однос на тоа дека договорот би можел да има политичка цена за СИРИЗА особено во северна Грција, Ѕанакопулос објаснува дека владата во преговорите ги зема предвид националните интереси, но и дека мнозинството граѓани поддржуваат решение.

– Секако дека нѐ засегаат загриженоста и чувствителноста на граѓаните на северна Грција. Затоа во секој момент од преговорите доаѓаме со непоколебливиот принцип, обезбедување на сите наши национални интереси и отстранување на секаков елемент на иредентизам од нашата соседна земја. Но, мислам дека постои мнозински дел од општеството, кое сака Грција да го затвори овој речиси триесет годишен спор со ПЈРМ, објаснува Ѕанакопулос за „Неа селида“, пренесе МИА.

На прашањето што доколку Независни Грци не го поддржат договорот, дали Панос Каменос би можел да остане министер за одбрана, портпаролот на владата на Грција објаснува дека Каменос неколку пати изјавил дека „има целосна доверба во премиерот и министерот за надворешни работи“ и „од никаде не произлегува дека би престанал да ја извршува неговата должност“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top