| четврток, 6 декември 2018 |

Клинтон: Моника Левински скапо ја плати нашата афера (Фото)

Поранешниот претседател на САД Бил Клинтон вчера изјави дека според него Моника Левински „скапо ја платила“ нивната афера во 90-тите и дека му е мило што поранешната стажантка во Белата куќа успеала да изгради успешна кариера понатаму во животот.

„Мило ми е што продолжи да се школува и што изгради кариера“, рече Клинтон за Левински во интервју со уредничката на PBS NewsHour Џуди Вудроф.

Клинтон додаде дека стравувал дека во сеќавањето на јавноста засекогаш ќе остане замрзната сликата за неа според тоа што се случило, а тој тоа не ѝ го посакувал никогаш.

„Сметам дека се обиде да си изгради поголем, поразличен и побогат живот и се надевам дека успеа во тоа.“

Левински денес е истакната говорничка и поборничка против вознемирување, откако со години беше далеку од очите на јавноста поради аферата со Клинтон.

Нивната афера одново доби на актуелност во ерата #MeToo кога светот го тресат секс-скандали во кои се вмешани моќни мажи од областа на политиката, шоубизнисот, медиумите и спортот.

Клинтон наиде на критики дека многу одбранбено и ладно се поставил во одговарањето на прашања поврзани со Левински во интервју за NBC, па во разговорот за NewsHour поранешниот претседател зборуваше со посмирен тон и лични осврти за тоа како аферата се одразила на Левински, но и на него и неговото семејство.

„Цената што ја платив јас главно беше болката што им ја нанесов на сопругата и ќерката“, рече Клинтон, алудирајќи на поранешната државна секретарка и кандидатка за претседател на САД Хилари Родам Клинтон, и нивната ќерка Челзи.

Клинтон додаде дека изминативе две децении „живеее со тоа што се случи“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top