| четврток, 6 декември 2018 |

Путин: Не знам со што ќе се води Третата светска војна, но Четвртата сигурно со дрва и камења

Третата Светска војна би била крај на цивилизацијата и затоа треба да се држиме подалеку од глобален конфликт, вели рускиот претседател Путин, по се повоинствената реторика испратена од НАТО и Западните сојузници директно кон Русија.

Одговарајќи на денешната директна линија со граѓаните, Путин кусо цитираше зборови на научникот Алберт Ајнштајн.

-Не знам каков вид на оружје ќе доведе до избувнување на Третата светска војна, но четвртата би се водела со стапови и камења, изјави Владимир Путин, Претседател на Русија.

Ваквата изјава на Путин следи ден откако НАТО соопшти дека земјите членки треба да ги зголемат своите воени капацитети за можен одговор на руската агресија.

Во воената реторика на НАТО се најде и Македонија. Американската амбасадорка Кеј Бејли Хачинсон изјави дека алијансата е подготвена да ја брани земјава од руска агресија.

За поранешниот амабсадор во НАТО, Нано Ружин, ваквите изјави не треба да се сфатат здраво за готово, зашто како што вели, Македонија е премала земја за да навистина се најде на линијата на огнот.

-Малку е веројатно дека Русија би ја нападнала Македонија, Руското влијание во Македонија не е големо, но има интерес пред се во сферата на енергетиката. Не треба да претеруваме дека сме центарот на светот. Нема опасност по нашата безбедност, вели Нано Ружин

На денешната средба во Брисел се очекува министрите за одбрана на НАТО да дадат зелено светло за новата иницијатива на САД, која ќе ја зголеми подготвеноста на силите на Алијансата во случај на криза во време на постојана загриженост поради руската агресивност во Источна Европа.

Помошникот државен секретар во Стејт департментот за за Европа и Евроазија, Вес Мичел вчера изјави дека Вашингтон води тивка дипломатија со европските сојузници во насока на зачленувањето на Македонија во НАТО.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top