| четврток, 6 декември 2018 |

Аманатидис: Блиску сме до договор, ги чекаме одлуките од Скопје

Блиску сме до договор и во исчекување на одлуките на премиерот на ПЈРМ, вели заменик министерот за надворешни работи на Грција, Јанис Аманатидис во интервју за грчката телевизија Скај и објасни дека не е загрижен за задоцнувањето во процесот, бидејќи „на другата страна ѝ е потребно време за да го разгледа договорот“.

Заменикот на Коѕијас рече дека договорот е во интерес и на двете земји и „ги решава проблемите на таков начин што нема да се создаваат конфликти во иднина“.

-Тоа е пакет решение, министерот откри дека е на околу 20 страници во кои се споменати сите прашања: иредентизмот, уставната ревизија, ерга омнес, името и развивање на агенда за соработка, а секако и временскиот рок во кој ќе се имплементира сѐ ова. Ние сме во исчекување, вели Аманатидис и изрази уверување дека договорот ќе биде таков што „ќе го прифати поширокото мнозинство во грчкото општество и поширокото мнозинство во парламентот“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на денешните демонстрации, заменик шефот на грчката дипломатија рече дека Грција е демократска земја и секој може да протестира и да го изразува неговото мислење, но на сите оние што ќе учествуваат на протестите им порача дека би требало „да размислат и за последниците на нерешавањето на проблемот“.

– Она што сакам да му го кажам на народот е дека грчката влада ја разбира чувствителноста, секогаш ја зема предвид, но од друга страна постои и националниот интерес, рече Аманатидис и објасни дека нерешавањето на прашањето е на товар на националните интереси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top