Ако се следат пораките на поединци од домашната и грчката политичката елита, наводно, само прашање на денови или часови не делат од најавениот финален телефонски разговор меѓу премиерите на Република Македонија и Република Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас. Според досегашните најави, тоа ќе значи и постигнат договор за промена на името на Република Македонија, промена на Уставот, со дилема до кое ниво ќе се оди со тоа, начинот на инплементација на договореното и сигурно уште куп други работи, што ќе произлезат од сето тоа…
Но, она што остава впечаток е дека промената на името, проследена со „креативноста„ на директните учесници во целиот процес, се сфаќа како обична промена на облеката! Притоа, оставајќи се во канџите на политиката, без никакви консултации со науката, а да не говориме за постоење на некакви црвени линии или градење барем на елементарен политички консензус. Притоа, како најважно да е не кој кого политички ќе надмудри, туку кој кого политички ќе обвини за (не)решавањето на проблемот, што Грција го има со нашето име. И многу интересно е да се следи еволуцијата во ставовите и, посебно, употребата на разноразната политичка терминологија, што на моменти добива апсурдни, да не кажам комични, карикатурални димензии!
Последниот тв-настап на пратеникот од редовите на ДУИ и десна рака на неговиот партиски лидер, Артан Груби, меѓу другото, ни откри до кои се граници оди „креативноста” во изнаоѓањето на „новото компромисно име” на државата. Па така, покрај предлозите на медијаторот Метју Нимиц- Северна, Вардарска, Горна, Нова и Република Македонија (Скопје), се размислувало и за секое можно ново креативно решение од типот на „Република Крушевска Македонија“, „Република Современа Македонија“, „Република Европска Македонија“. Барем засега. А, што се може да произлезе од ваквата „креативност„ ќе видиме многу скоро. Но, нејсе. Кога имаш ваков избор му доаѓа исто како да бираш облека. Во зависност од пригодата. Свечена, балска, протоколарна, секојдневна, спортска… Па, сакаш фрак или темно одело, задолжително црни кожени чевли, долг балски фустан, ниски или високи потпетици, па сакаш сако и кошула, со или без вратоврска, па сакаш брендирани панталони или фармерки, обична спортска мајца… А, за се, буквално за се има пишани или непишани правила. Наспроти нив, пак, постои науката, во конкретниот случај меѓународното право, историјата, лингвистиката…
Ако забележувате, на пример, во сите понудени предлози (со исклучок на Република Македонија (Скопје), додавката, без разлика каква е таа, географска или временска, стои пред името или именката Македонија. И токму тоа за грчкиот премиер Ципрас, покрај употребата ерга омнес, ќе претставува победа на грчката страна. А, победа за едната, значи пораз на другата страна, што не соодветствува на компромис! За употребата на додавката пред името Македонија, пак, ономастичарот Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков„, еден од нашите најголеми експерти во својата област, неодамна за порталот „Денешен“ објасни зошто не смее да се дозволи додавка меѓу Република и Македонија, ниту пак смееме да прифатиме додавка во заграда. Еве, кои се замките што се кријат зад ваквите предлози:
– Доколку меѓу Република и Македонија се стави каква и да било определба, во случајов придавска (која служи за доконкретизирање на географскиот простор Македонија, но не и на државата, зашто на државата ѝ е доволна определбата Република, што сама по себе дава информација за државно уредување, кое може да стои единствено пред име на држава, а не на област), тоа повлекува во изведенките на етникот (име на жител) или на ктетикот (посвојна придавка од име) од, на пр., синтагмата Северна Македонија да се најде придавската компонента, па етникот без никаква лингвистичка пречка да гласи Северномакедонец, а ктетикот северномакедонски. Сметам дека токму поради ова, грчката страна не сака да оди определбата пред именката Република, ами меѓу именките Република и Македонија, истакна Јачева-Улчар.
Според неа, грешка е и евентуалниот предлог, кој многумина го сметаа за безболен, а впрочем со таков предлог отидовме и во Букурешт 2008 година, за додавка во заграда после името Република Македонија:
– Ставањето на топоним во заграда во картографијата упатува на тоа дека топонимот што е во заграда е поранешно име за земјата што во нашиот случај не би соодветствувало на реалноста. Имено, доколку би се ставило нешто во заграда по Македонија, на пр. Република Македонија (Скопје) тоа така напишано би значело дека поранешното име на РМ било Скопје што не соодветствува на реалноста.
И сега како да се сфати делот на изјавата на Груби во кој тој вели:
– Убеден сум дека во наредните денови тоа што е нејасно ќе биде надминато и дека ќе успееме да го потпишеме и, всушност, ќе успееме да го зачуваме тоа што е најважно за моите сограѓани Македоници: идентитетот, јазикот, државјанството. Преговорите не се во ќорсокак, се работи за различна инплементација на договореното. Македонецот ќе остане Македонец, било во Скопје или во Брисел и Вашингтон. Јазикот ќе остане македонски, во групата на словенски јазици, што е факт.
Значи, ќе добиеме политичко решение без никаква подлога во науката, што целосно го доведува во прашање и неговото опстојување. А, кога станува збор за „креативните„ решенија за името, тука нема дилеми. На апологетите на власта, што и да им понудиш, се ќе биде прифатливо. Илинденска, крушевска, современа, горна, долна…Се едно. Дај што ќе дадеш. Туку, дај да си прифатиме не едно, ами неколку! За секоја пригода по едно! Ваква можност еднаш се пружа.
Пишува: Предраг Димитровски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст