| четврток, 6 декември 2018 |

Ципрас – Вартоломеј : Да се решат разликите за да постои соработка

Македонскaта православна црква и нејзиното писмо во кое бара признавање на афтокефалноста од Вселенската патријаршија, биле една од темите на кои вселенскиот патријарх Вартоломеј во Атина разговарал со поглаварот на Грчката православна црква Јеронимос но и со грчкиот премиер Ципрас и претседателот Павлопулос. Од кабинетите на Ципрас и Павлопулос засега молчат додека од Атинската архиепископија потврдија дека се разговарало за, како што се нагласува, „црквата во Скопје“

– За време на средбата беше разговарано за прашањата што се однесуваат на расколничката црква на Скопје, барањето автокефалност од црквата на Украина, а ги споменаа и двајцата грчки војници кои се во притвор во Одрин, соопштуваат од атинската архиепископија.

Средбите на Вселенскиот патријарх Вартоломеј со грчкиот црковен и државен врв се одржуваат само неколку дена по соопштението од Вселенската патријаршија дека „во рамките на надлежностите и прерогативите на Вселенскиот патријарх, ќе биде разгледано и ќе се преземе она што е потребно за враќање на црквата на Скопје во канонски рамки под името Охридска архиепископија“. Од МПЦ за Алфа велат дека на овие разговори, најверојатно Вартоломеј сака поконкретно да ги запознае своите соговорници со деталите од писмото, што е нормално бидејќи тој е Грк, а и Вселенската патријаршија практично е дел од спектарот грчки православни цркви. Не сакаат да коментираат дали и какви резултати може да има од овие разговори, но велат дека сепак Вартоломеј како Вселенски патријарх не зависи толку многу од грчката страна и своите одлуки нема да ги носи под нивни влијание.

Инаку писмата од МПЦ и од премиерот Заев до Вселенската патријаршија предизвикаа вистинска бура од негодување во земјава, бидејќи од Истанбул нагласуваа дека и црквата и премиерот самите побарале бришење на терминот Македонска во нејзиниот назив. Под притисок на јавноста Заев го објави своето писмо. На него нема архивски број и во него никаде не се споменува името Македонска православна црква, а се потенцира и дека тоа е само поддршка на писмото од МПЦ кое од непознати причини Светиот синод и натаму не сака да го презентира пред граѓаните.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top