| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија заостанува зад Европа во безбедноста на сообраќајот на патиштата

Македонија заостанува зад европските држави во однос на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Анализите покажуваат дека во земјите од Европската унија во просек има 5,2 жртви во сообраќајот на 100.000 жители, а во Македонија 7,1 жртва на 100.000 жители.

Поради тоа од надлежните институции најавуваат наесен формирање извршно тело за безбедност на патиштата во кое ќе членуваат претставници од надлежните институции. Негова цел ќе биде да работи на зголемување на безбедноста на патиштата.

– Станува збор за поразителни бројки и затоа од наша страна ќе превземеме се за да го намалиме бројот на жртви на патиштата и максимално да ја зголемиме безбедноста. Во земјите од Европската унија има во просек 5,2 жртви во сообраќајот на 100.000 жители, а во Македонија има 7,1 жртва на 100.000 жители, изјави Сугарески во рамки на меѓународната конференција „Безбедност на патиштата“.

Генерална оценка на учесниците е дека за да се зголеми безбедноста на патиштата потребна е рехабилитација на постојните патишта, проектирањето на новите патишта да се подигне на повисоко ниво, да има поголема совесност кај возачите и поголема контрола и казни од страна на надлежните институции.

– За првпат во Македонија имаме контролен пункт каде се снима еден дел од автопатот Демир Капија-Смоквица. Веќе догодина ова време ќе биде покриен и делот од Велес до Демир Капија. Има контрола, но треба да има и казни. Неодговорно е кога гледате дека некој во тунелот вози 180 километри на час, рече директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов.

За следната година се планира целосно патниот дел од Коридорот 10 да биде покриен со камери.

Според одредени анализи, споредено со 32 држави во Европа, Македонија е меѓу последните пет земји по безбедноста на сообраќајот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top