| четврток, 6 декември 2018 |

Заев за договорот со Ципрас: Јас сум подготвен, само не знам како ќе ѝ објасниме на опозицијата

Премиерите на Македонија и Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас ќе разговараат кога ќе се решат некои технички работи во преговарачкиот процес, изјави денеска Заев одговарајќи на новинарски прашања на одбележувањето на изградбата на патот Штип – Радовиш.

-Имаме некои технички работи кои треба да се решат. Јас од самиот почеток сум позитивен и оптимист, верувам дека ќе го најдеме решението. Штом се отстранат техничките работи, ќе се случи телефонскиот разговор и во најбрз можен рок ќе објавиме тоа што е договорено, рече Заев.

Тој нагласи дека следните денови се максимално фокусирани и посветени на процесот, кој, како што рече, опфаќа договарања, членови од договорите, детаљи, кои е многу важно да бидат прецизно договорени.

-Конечна цел ни е да стигнеме навремено пред сесијата на Европскиот совет, заради тоа што тогаш ќе се одлучува за добивање на датум за отпочнување на преговори за Македонија.

Во Мала Преспа, наглси Заев, би требало да се случи потпишувањето на договорот, што било желба уште од форумот во Давос. Она што го договориле министрита за надворешни работи на Македонија и Грција, сега рече Заев, треба да биде преточено во правен документ.

-Таму би требало да биде потпишувањето. Тоа е желба уште од Давос. Затоа премиерот Ципрас ја повторува. Јас само можам да ја потврдам. Секако, во овој момент тоа што го разговараа усно министрите за надворешни работи на Република Македонија и на Република Грција треба да биде преточено во правен документ, треба одредени детали јас и премиерот Ципрас да ги одлучиме со сите наши аргументации. Јас сум подготвен за тој разговор, знам дека и тој е подготвен. Секако важно ни е како тоа ќе ѝ го објасниме на нашата македонска опозиција, за да има причина да ја повикаме да биде заедно со нас. Најважно е да им објасниме и на граѓаните на Република Македонија, но исто така, паралелно важно е, да им објасниме и на опозицијата во Грција како и на граѓаните на Република Грција.

Тој не даде детаљи за тоа каде запнале преговорите и кои имиња се во игра, за решавање на спорот со името. А на прашањето дали се точни шпекулациите на грчките медиуми, кои сѐ погласно говорат за предлогот северна Македонија, Заев не даде кометар.

-Јас нема да коментирам детали. Чувствително е. Не знам како тоа ќе го прифати грчката страна. Тоа се наши пријатели веќе. Довербата е голема, изградена, не би зборувал за деталите, затоа што тоа се работи кои треба ние да ги отстраниме, македонската и грчката страна. Знаете дека сум внимателен за да оставам шанса да успее договорот. Веднаш штом ќе одлучиме за имињата, придавките, додавките, ќе им соопштиме веднаш на граѓаните. Шпекулациите излегуваат од сите страни, кога работат повеќе луѓе на материјата на темата, за да може да се создадат тие околности за да може да се воспостави оваа телефонска комуникација помеѓу мене и премиерот Алексис Ципрас.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top