| четврток, 6 декември 2018 |

Преговорите во ќорсокак: Неизвесно дали и кога Заев ќе разговара со Ципрас

Останува неизвесно дали и кога македонскиот премиер Зоран Заев ќе се слушне со неговиот грчки колега Алексис Ципрас и дали како што беше најавувано може да се дојде до решение за спорот и нивна средба во Преспа, откако неименуван преставник на грчката Влада изјавил дека „по се изгледа се оддалечува можноста за договор во следните денови за решавање на спорот со името, коментира претставник на грчката Влада“.

Според истиот владин претставник чија изјава ја пренесе грчката агенција АНА-МПА се оддлечува и можноста за телефонски разговор меѓу Зоран Заев и Алексис Ципрас.

И премиерот Зоран Заев потврди дека се уште немал телефонски разговор со неговиот грчки колега Алексис Ципрас во врска со евентуалниот договор за прашањето за името.

– Во тек се разговорите на работните групи околу одредени технички детали, рече Заев, кој присуствуваше на почетокот на градежните работи за изградба на експресен пат Радовиш – Штип.

Засега, како што посочи, не сака да ги коментира информациите што ги пласираат грчките медиуми во однос на предлогот Република Северна Македонија

По ова македонската Влада повика на одговорно политичко однесување на двете страни.

Премиерот Заев, вчера во македонското Собрание побара од опозицијата да не шпекулира за разговорите за името.

Последните случувања на релација Скопје – Атина, постојано се во фокусот на медиумите во Грција, а новинарите прогнозираат, повикувајќи се на свои извори дека „Република Северна Македонија“ е името кое што е во предност во однос на останатите предлози на медијаторот („Република Нова Македонија“, „Република Горна Македонија“, „Република Вардарска Македонија“ и „Република Македонија (Скопје)“ – предлог одбиен од грчката страна).

Сепак, исто како и од македонска, така и од грчка страна нема официјална потврда кое е името за кое што се согласиле двете земји.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top