Пратеникот на ДУИ, Артан Груби денеска од собраниската говорница ја повика опозицијата да гласа „за” изборот на новите министри и побара поддршка бидејќи целта не е само проширување на мнозинство, туку широка коалиција за евроатлантска Македонија.
Обраќањето го започна со забелешка до премиерот Зоран Заев дека министрите не се присутни во собраниската сала.
„Премиере, дојдов да ви ја пофалам владата, ама не ја гледам тука”, рече Груби.
Одговорот стигна од претседателот на Парламентот Талат Џафери, според кого, битно е дека Заев е присутен, бидејќи тој имал експозе и негов е предлогот за министрите.
„Тука зборуваме за името, за рејтинзите, за анкети, само за тоа што треба, не. Да не заборавиме како се роди оваа влада. Оваа Влада се роди на едни од најтешките избори. Во овие месеци Владата успеа да ја врати довербата на граѓаните. Се вративме на трасата за ЕУ и НАТО. Ги усвоивме сите реформски приоритети. Бугарија стана наш најдобар адвокат за ЕУ по договорот со Бугарија. А се надевам наскоро ќе стане и Грција. Да дадеме поддршка за овие министри. Ова е коалиција на апсолутно сите партии за евро-атлантска Македонија“, рече Груби.
Расправата за изборот на нови четворица министри продолжи попладнево со дебата и критики за работата на Владата во изминатата година од пратениците од опозицијата.
Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ читаше делови од Програмата на Владата, посочувајќи на проекти кои се уште не се реализирани.
„Ветувањата вие ги дадовте. Требало да внимавате што ветувате. Ваша должност е да го подобрите животот на граѓаните. Вие ветивте 100.000 денари за лекарите… Граѓаните ве перцепираат како ‘ќе’ влада. Ние сакаме да бидеме конструктивни да ве упатиме каде да се поправите”, рече Илиоски.
Премиерот во контрареплика одговори дека е свесен оти очекувањата на граѓаните се големи, но оти државата не може да сервисира се, бидејќи ја затекнале со обврски од 382 милиони евра и дополнителни 280 милиони за Скопје 2014.
„Сите знаеме што значи да се почне од 382 милиони евра обврски дополнително 280 милиони евра за Скопје 2014 при исполнувањето на сите очекувања што граѓаните ги имаат. Многу често зборувам дека разочарувањата се логични, очекувањата се големи, но државата не може да сервисира се од причини што сите знаеме во каква состојба ја затекнавме. Но, тоа што го можеме веќе го направивме”, рече Заев.
Повтори дека е обезбедено покачување за дополнителната работа на здравствените работници, дополнителен буџет од 150 милиони денари за специјализантите да земаат плата, обезбеден е дополнителен буџет да земаат децата на социјално загрозените семејства…
„Верувам, дека со реорганизација на финансиските средства во Буџетот ќе успееме да обезбедиме 100.000 денари плата за лекарите специјалисти од јануари 2019 година”, рече премиерот.
Заев додаде дека е убеден дека ќе се постигне просечната плата од 500 евра, а повеќе од 40 отсто од урбаните општини во Македонија веќе имаат урбанистичка документација и главни планови за цевководи за гас за да може да се почне да се работи. Според него, во првиот квартал од 2018 година имаме 233 милиони евра странски инвестиции.
Пратеникот Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ праша за што дебатираат пратениците во ситуација кога се разговара за името на земјата.
Оваа реконструкција, како што рече, е шминка, а Владата треба да си оди бидејќи и нанела голема штета на државата и нема капацитет да ја води државата. Тој како позитивна ја оцени смената на Роберт Алаѓозовски од министерското место за култура, но смета дека исто така, требаше да биде сменета и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. За Рената Дескоска кажа дека поддржала донесување на лош Закон за високо образование, а Андреј Жерновски, предложен за заменик-министер за надворешни работи, направил се само за да дојде до функција.
Расправата продолжува до 19 часот, по што се предвидени 2,5 часа пауза, а треба да се гласа до полноќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст