| четврток, 6 декември 2018 |

Егзодус на белите мантили од Македонија: Вкупно 110 лекари заминале од државата за само четири месеци

Во првите четири месеци од годинава 110 лекари побарале потврда за нивниот статус од Лекарската комора, што безмалку е колку потврдите што Комората ги издала за цела 2017 година, кога тој број бил 120.

Овие потврди лекарите најчесто ги користат за да заминат на работа во странство, мал дел и за едукација надвор. Но, бројот на лекари што одат да студираат во други држави а потоа се враќаат во Македонија, е драстично намален.

Податоците од Лекарската Комора покажуваат дека за само три години, се удвоил бројот на докторите кои побарале потврда за во странство: во 2010 година комората издала 72 потврди, а во 2013 година – 157 потврди. Егзодусот почнал во 2011 година, и досега најизразен бил во 2015 и 2016 година, со 171, односно 172 издадени потврди.

За да се спречи одливот, Лекарската комора му предложила на Министерството за здравство да има можност, на младите специјализанти освен лиценца, да им се понуди и работа во местата во внатрешноста каде тие живеат.

Едукацијата на еден млад лекар државата ја чини 60.000 евра. Додека во Македонија специјализантите плаќаат за специјализација, Германија им плаќа 2.000 до 2.500 евра и им обезбедува сместување во старечки домови, каде што навечер работат како дежурни лекари. Поради трендот на отселување, веќе недостигаат анестезиолози, педијатри, гинеколози…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top