| четврток, 6 декември 2018 |

Кога гостите не ги земаат фискалните, угостителите затајуваат милиони денари со сторнирани сметки

Неиздавањето фискални сметки и сомнителното сторнирање на сметките се најчестите злоупотреби што ги открила Управата за јавни приходи (УЈП) во последните контроли што ги спровела во периодот од 19 април до 22 мај годинава, информираше денеска директоркаѕа на УЈП Сања Лукаревска.

Од почетокот на годината, рече Лукаревска, од контролирани 3.086 објекти констатирани се неправилности во работењето кај 362 објекти, од кои 98 се во Скопје, а само еден во Делчево. Со контролите биле опфатени хотели, ресторани, сендвичарници, барови, пицерии, автомеханичари, вукланизери, продавници за атоделови, салони за убавина, фризерници, цвеќарници, продавници за облека и манифестации што ги организрираат општините.

„Најчести неправилности утврдени со контролите се неиздавање фискални сметки, односно користење на компјутерски сметки/маркери како замена на фискални сметки,  непоседување на резервен фискален систем на опрема, непоседување и неевидентирање на податоци во книга за дневен финансиски извештај и итна сметководствена книга, неусогласен промет, односно разлика на готовински промет во каса и евиднетиран промет преку фискален систем на опрема“, рече Лукаревска.

Највисок износ на разликата во каса од 82.879 денари, како што посочи таа, е констатиран кај даночен обврзник во Охрид каде евидентираниот промет преку фискален апарат изнесувал 53.873 денари, а во каса имало 136.752 денара.

„Врз основа на анализа на податоците од фискалните системи на опрема со вграден ГПРС уред констатирани се состојби со голем број на сторни фискални сметки кај некои даночни обврзници. Кај некои од овие обврзници е констатирано континуирано дневно сторнирање на фискални сметки што го надминува бројот од 130 дневно со сторниран вкупен дневен промет што се движи и до 40.000 денари“, потенцира Лукаревска.

Во март и април годинава, како што рече, сторнирани се вкупно 4.127 сметки со вредност од над еден милион денари и тоа само кај еден угостителски објект во Скопје, од 100.000 до 500.000 денари има 185 сторнирани сметки кај три угостители во Скопје, Охрид и Прилеп, а од 50.000 до 100.000 денари сторнирани се 76 сметки за еден месец кај еден угостителски објект во Скопје.

„Вкупно во март и април кај 144 најчесто помали даночни  обврзници утврдени се 5.097 сторни сметки. Тоа значи дека даночниот обврзник му дава на потрошувачот фискална сметка, но доколку тој не ја земе оди на ризик дека ќе биде сторнирани и врз основа на тоа се прави еден вид на затајување на данокот. Оваа состојба може да кажам дека е алармантна“, рече Лукаревска.

Лукаревска најави дека наскоро УЈП ќе спроведе кампања за покревање на свеста на граѓаните да бараат, а фирмите да издаваат фискални сметки, како и дека летово ќе се зголемат контролите во туристичките агенции и летните фестивали и фестови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top