Експертската јавност во Грција, потегот на премиерот Никола Груевски го смета за позитивен и за интересен бидејќи може да ги размрда малку работите за процесот за решавање на спорот.
Универзитетскиот професор Аристотелис Цампирис, за „Дневник“ вели дека писмото е позитивен развој и обид да се размрдаат малку работите за прашањето за името. Во минатото, вели тој, средбите и писмата не функционираа, па можеби ова е обид да се направи нешто ново.
– Втората работа е што се чини дека Груевски, всушност, покажува дека е подготвен да притисне за напредок – оценува Цампирис.
Иако писмото и предлогот за средба од страна на Груевски го смета за интересен и позитивен чекор, тој потсетува дека не треба да се заборави каква е економската, но и политичката ситуација во Грција.
– Економската криза е иста, Грција идната година ја очекуваат локални, а може и предвремени парламентарни избори, а истовремено не треба да се заборави дека ја имаме Златна зора и нејзиниот став за неприфаќање никаков компромис. Според тоа, политичкиот простор е многу лимитиран – објаснува Цампирис.
Но, тој се воздржува од коментари за тоа како ќе одговори Атина бидејќи, како што вели, важна е самата содржина на писмото зашто секој збор и секој знак имаат значење во дипломатскиот јазик, потоа треба да се види некаков знак за промена на ставот на Груевски и дали има некаков притисок од меѓународната заедница.
– Иако не гледам суштинска промена во позициите на Груевски, ова го сметам за нов потег, знак за генерален интерес да се најде решение за проблемот и ми се допаѓа идејата да се проба нешто ново – додава Цампирис.
Грчкиот аналитичар Јоанис Михалетос вели дека испраќањето на писмото е, пред сѐ, многу интересен и изненадувачки развој на настаните бидејќи првпат се случува ваков потег и предвидува дека нема да биде и последен.
– Мојата процена е дека Груевски ќе направи и други потези слични на овој бидејќи се чувствува притиснат и дома, а истовремено е под притисок и на процесот за пристапување во ЕУ – изјави Михалетос.
Според него, во иднина Груевски и Самарас ќе се сретнат, можеби во друга земја или во Брисел и, веројатно, ќе има средба меѓу министрите за надворешни работи на двете земји. Сепак, Михалетос додава дека не може да коментира дали таквата средба на премиерите би била корисна за процесот бидејќи сѐ зависи од тоа за што е свикана средбата и дали е само за појавување во јавност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница
-
Ниту јас, ниту другите обвинети во случајот за градбата на патиштата, не сме обвинети за земање на провизии